News1.mk

Анѓушев вели да се произведува електрична енергија од она што ни го дала природата

  • Поранешниот вицепремиер вели дека треба да се произведува електрична енергија од она што ни го дала природата – фотоволтаици, хидроелектрани против коишто има кампања, понатаму ветерници колку што можеме иако оваа енергија е поскапа.

Цената на електричната енергија на берзите долгорочно ќе се стабилизира од 80 до 120 евра за мегават час, но мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра, можеби малку ќе се стабилизира во 2023 година и ќе падне до 120 или 130 евра, но повеќе нема да видиме цени под 80 евра по мегават час, вели поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА.

Анѓушев во интервјуто ги образложува причините за сегашната енергетска криза во светски рамки и го коментира начинот на кој треба да се справат владите со новонастанатата состојба.

Според него, нјлесно со оваа криза ќе се справат земјите кои имаат доволно сопствено производство, а сите тие држави коишто се доминантно увозно зависни за жал мора да ја плаќаат пазарната цена на електричната енергија и тоа нормално ја генерира цената на електричната енергија.

– Што може Владата да направи? Всушност тоа што го прави. Јас прво мислам дека треба проблемот или прашањето на енергетика да се извади од дневно-политичкото прашање или дневно-политичкото препукување, бидејќи во енергетика ништо не се прави за 1, 2, 3 години. За се треба да имате план за 10, 20 години.  Ние имаме, но за жал, малку се чита тој план. Тоа се вика Енергетска стратегија, донесена е 2018 година. Таму е се ова убаво напишано и треба тоа само да се чита и да се почитува. Мислам дека во таа насока треба да се оди. Но, кратко речено, значи што може Владата да направи? Може да извади пари од Буџет и да субвенционира. Впрочем тоа и го прави, така и тоа главно го прави во домаќинствата, а не во делот на стопанството. Веројатно во делот на стопанството и тешко може да го направи иако има мерки коишто може да се преземат, но домаќинствата максимално ги штити. Покачувањето на цената на електричната енергија од околу 10 отсто, во споредба со тоа какви се пазарните цени на електричната енергија е мало покачување, што значи дека Владата ќе издвои сериозни средства да ги субвенционира. Но, тоа не е решение на долг рок бидејќи не може нон стоп да субвенционира. Може, надежта е дека оваа криза ќе помине. Е точно тука јас не сум убеден дека оваа криза ќе помине и дека цените брзо ќе се вратат на старото ниво. Ако земеме предвид дека минатата година цените овој период од годината беа 50-60 евра по мегават час итн., јас мислам дека такви цени уште долг период нема да видиме. Зошто? Заради тоа што дури и да се реши проблемот со гасот и да се намали цената на гасот, останатите три компоненти коишто влијаат врз цената на електричната енергија и понатаму ќе останат – вели Анѓушев.

Негово мислење, како што вели, е  дека цените на долг рок ќе се стабилизираат меѓу 80 и 120 евра по мегават час.

Тој  порачува владата да почне да размислува за можностите за сопствено производство на електрична енергија.

– Видете, во светот енергија се прави од неколку извори. Можете да правите од нуклеарна енергија, тоа не можеме да го направиме, за жал, мислам премногу е и големо и комплицирано и бара меѓународни дозволи. Можете да го направите од термоелектрани на јаглен. Ние јаглен повеќе немаме, а и да имаме викаме загадува и не го сакаме. Можете да направите од гас, но еве кога го правите од гас цената расте драстично. Мазутот не би сакал да го дискутирам воопшто, зашто е најштетен од сите овие. Тоа се конвенционалните начини и оние што се обновливи извори – хидроенергија, ветер, вода, сонце и биомаса и биогас. Е сега, ние, за жал, претходниве конвенционалниве ги немаме веќе. Значи, немаме ни гас, ни нуклеарна, јаглен веќе немаме, мазут и да сакаме да правиме пак треба мазутот да го увеземе – не е битно дали увезувате струја или мазут – увезувате. Значи, ние имаме само она што ни го дала природата – фотоволтаици, хидроелектрани против коишто има кампања, понатаму ветерници колку што можеме. Меѓутоа, мораме да знаеме дека обновливите извори произведуваат поскапа енергија од конвенционалните извори, зборувам за јаглен и за нуклеарни и дека тоа си има своја цена. Ама сепак е подобро да имате сопствено производство отколку сто отсто да зависите како во моментов – вели тој.

Во интервујуто Анѓушев ги коментира и последните дискусии поврзани со субвенциите на малите хидроелектрани, а отркива кој е неговиот сегашен ангажман.

МИА