Денес, 5-ти декември Црвен крст Охрид традиционално го одбележува Светскиот ден на волонтерството во знак на благодарност и оддавање признание на волонтерите за нивниот придонес, значење и улога во зајакнување на нашите заедници, но и за промовирање на волонтерството и поттикнување на институциите и граѓаните да ги поддржат напорите на волонтерските организации.
На овогодинешниот Светски ден на волонтерство, под мотото „ПРИСУТНИ СЕКОГАШ ВО НАШИТЕ ЗАЕДНИЦИ“, акцент ставаме на оддавањето на признание за придонесот на нашите волонтери кои припаѓаат на сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на услуги на Црвен крст Охрид. Нагласуваме дека Црвениот крст е отворен за добронамерни луѓе од сите возрасти кои својата емпатија, желба, цел и амбиција сакаат да ја посветат на нашите хуманитарни активности, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност, за помош на ранливите категории. Во таа насока добредојдени се и советниците од Советот на општина Охрид кои изразија желба да волонтираат и денес ќе можат да бидат волонтери во Црвен крст Охрид подготвувајќи и доставувајќи хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на дел од социјално загрозените семејства во Охрид.
Оваа година, на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството го истакнуваме и крводарителството, оддавајќи признание на крводарителите, кои волонтерски, доброволно и без надомест ја даруваат својата најдрагоцена течност-крвта, за да спасат човечки животи. Промовирање, развој и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на цела година. Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку организирање на крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град.












