Uncategorized

Чиста Среда – тримир

Длабоко зачекоривме веќе во четириесетдневно патешествие до Великата и Страдална Седмица и до Сеславното Воскресение. Мистично патуваме како што избавениот од вавилонското робство израилски народ патувал во пустината кон ветената земја; восходиме духом како што Старозаветниот праведник, великиот Мојсеј, се искачил на гората Синај за да Го сретне Бога; се трудиме во покајанието како што ниневијскиот народ седеше во понизност, пост и смирение поради предупредувањето Божјо преку пророкот Јона за уништожение. И како што Самиот наш Спасител Господ Исус Христос четириесет дена и ноќи постеше во пустината, така и ние грешните навлеговме во пустините на нашите души во пост, покајание, самоиспитание, глад и жед за Бога живиот, искачувајќи се на гората од добродетелите. Денеска, пак, во оваа прва среда од Светиот Пост, кога завршува тридневното целосно воздржание (тримир) Го вкусивме благиот Господ Христос во Светата Причест на предосветената Литургија и го зачувавме како залог и попатнина на овој тежок, стрмен и истоштувачки пат до Христовото и до нашето лично воскресение, кога Он ќе ни се даде во полнота.

Чудесната мистика на бигорскиот храм во полумракот; многубројните кандила и свеќи како ѕвездите на јасното небо во ноќта; благомирисниот темјан кој внесува рајски чувства; покајните и трогателни пенија и чтенија, особено од Великиот покаен канон на Свети Андреј Критски; длабокиот, пријатен и продорен глас на Старецот наш, полн со богољубие, сериозност и благодат; бројаниците, расата и ликовите на монасите црнорисци, а годинава и преполниот храм со молитвеното покајание на храбрите и богокопнежливи души, се само моменти од покајната атмосфера на постот и молитвата во Обителта Претечева, од кои ништо на светот поубаво нема.

Нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј во една прилика ќе рече: „Тоа е време кога најмногу се открива длабочината и убавината на православното богослужение. Зашто целиот тој чудесен склоп на молитвословија го составувале Божествени луѓе, кои најпрво го примениле и го доживеале самите тие, а потоа ни го предале и нам како најскапоцено духовно богатство. Ова е период на особена духовна борба, налик на борбата на Јаков со Бога (1.Мој.32:24-30), кога со засилени подвизи се бориме, преку молитвата да Го видиме Бога“.

Бог да ги прими молитвите и подвигот од ова блажено тридневие и да ја испрати Својата милост на оваа Света Обител и на оние во неа, а и на целиот благочестив христијански народ, кој Го почитува Бога и ја држи светата вера цврсто.

 

Бигорски манастир