News1.mk

СОНК одлучи: Штрајкот продолжува, велат се врши силен притисок врз штрајкувачите

СОНК денеска на прес-конференција соопшти дека донеле одлука дека заклучоците на вчерашната седница на Владата не водат кон решавање на проблемите.

-Се врши силен притисок врз штрајкувачите. Се спори правото на штрајк, се бара причина зошто е организиран и зошто е прекинат образовниот процес. СОНК не чувствува одговорност за прекинот на наставата, одговорот треба да се побара на друго место. Советот на СОНК констатира дека одредени министри ги заплашуваат наставниците. Законско право е исплата на плати при штрајк. Наставниците и воспитувачите да не се плашат, рече Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Според него, понудените 10% зголемување на платите во образованието од Владата се бетонираат и не се остава простор по ова прашање.

-Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата ги усогласи платите. Советот на СОНК бара интензивирање на преговорите. Конечниот договор ќе се регулира со спогодба меѓу двата социјални партнери. Штрајкот продолжува се додека не се договориме со надлежните по ова прашање, рече Неделков пред присутните новинари.

Владата вчера го задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10%.