На протестот против насилството врз жените, организиран од СДСМ во Охрид, од кој претходно се оградија граѓанските иницијативи, меѓу кои и „Ниту една повеќе“, беше забележана најблаго кажано зачудувачка изјава, особено ако се земе предвид поводот за собирот.
Имено, на видео од протестот, една од присутните жени, во разговор со претставничката на СДСМ, Каја Шукова, опкружена со повеќе жени од партијата, изговара: „Само жена со плиток женски памет може да помисли дека овој протест е партиски.“ Уште позачудувачка е реакцијата на Шукова, која, според видеото, клима со главата и двапати потврдно одговара: „Да, така е! Да, така е!“
Ваквата изјава отвора сериозно прашање: како е можно на протест против насилството врз жените да се користи изразот „плиток женски памет“, и тоа во контекст на несогласувањата со жените од граѓанските иницијативи кои јавно се оградија од партиското организирање на протестот?
Да потсетиме, граѓанските иницијативи и организации претходно се оградија од вмешувањето на СДСМ во организацијата на протестот, по што најавија посебен граѓански протест за сабота. Протестот на СДСМ, според проценките од местото на настанот, собра околу стотина присутни. Според информации од терен, значителен дел од присутните биле пристигнати од Кичево и Скопје, иако точната структура на учесниците не е независно потврдена.
Останува прашањето дали за жените кои не се согласуваат со партиското организирање на протестите против насилството, квалификацијата „плиток женски памет“ е прифатлив начин на комуникација за претставниците на СДСМ. Особено што станува збор за протест чија основна порака треба да биде почитување на достоинството на жените, солидарност и заедничка борба против насилството.
Од Каја Шукова и СДСМ се очекува појаснување дали со одобрувањето на ваквата изјава навистина стојат зад нејзината содржина.
View this post on Instagram


















