Конечно, по долгата зимска сезона, интензивно продолжуваме со изведбата на првата Виа Ферата за туристичка експлоатација во Галичица НП.
Денес извршивме проверка на условите за работа, контролни мерења на секвенците и симболично поставување на првиот клин, со што и официјално го означуваме стартот на изведбата, напиша на својот ФБ профил Антонио Додевски долгогодишниот искусен алпинист Антонио Додевски од АК Патагонија и раководителот на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
Поставувањето на Виа Фератата, финансиски е поддржано од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведува Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид, согласно критериумите на Македонска алпинистичка федерација и меѓународниот стандард EN16869:2018. Изведбата започнува по целосно завршениот процес за обезбедување на сите неопходни дозволи и согласности од страна на надлежните институции и Министерството за животна средина, вели Додевски.
Инаку Виа Ферата ќе биде поставена над излетничкото место Корита. Во иднина, овој предел се предвидува да прерасне во авантуристичка зона. Се наоѓа надвор од зоната на строга заштита каде што присуството на луѓето не е штетно за природата.
Виа фератата на Галичица ја уредува АК Патагонија со поддршка од Фондацијата ПОНТ. Таа ќе е третата најдолга и најатрактивна ферата од која ќе се протега прекрасна панорама кон Охридското Езеро. Претходно е изградена ваква Виа ферата во Вевчани, а втората се привршува во Маврово.