Последни ВестиСвет

Кина го зајакнува фронтот против САД по нападите врз Иран

Кина остро ги осуди нападите врз Иран и убиството на шефот на државата и верски водач Али Хаменеи, кое Пекинг го опиша како „еклатантно и сериозно кршење на суверенитетот на Иран“. Принципите од Повелбата на Обединетите нации се брутално погазени, соопштуваат од кинеското Министерство за надворешни работи. За Кина, Иран покрај Русија, е најважниот снабдувач со гас и нафта. Според проценките, 90 проценти од иранската нафта биле извезувани во Кина, во најголем дел преку трети земји, бидејќи Иран е под строги санкции. Нелегалните „флоти во сенка“ помагале во транспортот. Од април 2025 година, извозот на иранска нафта дури се пресметува во јуани, валутата на Народна Република Кина. На ова му претходеше исклучувањето на Иран од меѓународниот систем за плаќање СВИФТ, кој го предводи Западот.

По американско-израелските напади за време на викендот, Иран привремено го прекина поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, мореуз широк 50 километри што се наоѓа меѓу Персискиот Залив и Индискиот Океан. Со тоа една од најважните рути за глобалната трговија со нафта е практично блокирана. Речиси 20 проценти од глобалната потрошувачка на нафта се транспортира преку оваа рута. Од 20 милиони барели сурова нафта што секојдневно минуваат низ теснецот, половина оди во енергетски гладната Кина. Пекинг стравува за својата енергетска безбедност доколку мореузот мора да биде затворен на подолго време заради регионалната војна.

Истомисленици против САД
Иран и Кина и политички се тесно поврзани. Од 2023 година, Иран е член на безбедносниот совет на Шангајската организација за соработка (ШОС), која ја предводат Кина и Русија, а од 2024 година е член и на БРИКС+, сојуз на најголемите земји во развој во светот. „Отвореното убиство“ на суверен шеф на држава и поттикнување на промена на режимот се неприфатливи, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата. Нападите се случија додека САД и Иран водеа преговори. Според наводите на кинеската новинска агенција Шинхуа, Лавров се приклучил на аргументацијата на неговиот кинески колега. Критики во меѓувреме има и од Северна Кореја, која е поврзана со Кина и Русија. Пјонгјанг зборува за „нелегален чин на агресија“ и најостро го осудува „срамниот разбојнички чин од страна на САД и Израел со цел да ги остварат своите себични и хегемонистички амбиции“.

Воен удар: ги оправдува ли целта средствата?
Толкувањето на Кина и на нејзините сојузници се разликува од ставот на германската влада. „САД со недели бараат договорно решение со Иран. Во разговорите во Оман и Швајцарија, иранската страна не се согласи на сеопфатен, сигурен и доверлив договор за прекин на воената нуклеарна програма“, наведе германскиот канцелар Фридрих Мерц во саботата. Иран според него, не се обврзал да ја намали програмата за балистички ракети, или да ги запре дестабилизирачките активности во регионот и пошироко. Дали таквите појдовни точки правно легитимираат вооружени напади, сојузната влада сака да испита, рече министерот за надворешни работи Јохан Вадефул.

 

 

DW