Младиот охридски боксер Наум Стојаноски продолжува да ниже успеси на меѓународната сцена, а неговите последни настапи донесоа нови победи и златен медал за Охрид и македонскиот бокс.

Стојаноски најпрво забележа победа на престижниот турнир „Белградски победник“, а потоа настапи и на „Grand Prix“ турнирот во Загреб, каде оствари две победи и го освои златниот медал.

По враќањето од Хрватска, синоќа во Охрид му беше приреден свечен пречек од навивачите, пријателите и голем број охриѓани кои го поздравија неговиот успех и постигнатите резултати.
Младиот боксер важи за еден од најталентираните спортисти во својата генерација, а серијата успеси претставува голема мотивација и за охридскиот спорт.
Спортските предизвици за Стојаноски продолжуваат и во наредниот период. На 30 и 31 мај тој ќе настапи на Државното првенство, додека на 6 јуни го очекува финалето на „Open Balkan Cup“, кое ќе се одржи во уникатниот амбиент на Антички театар Охрид.
Охридските љубители на спортот очекуваат нови успеси и медали за младиот боксер кој веќе го привлекува вниманието со своите настапи на регионалната сцена.
Ohrid1.com















