Охридските борачи Илија Спасески ( кој воедно е и основач и тренер на Б.К. АДЕР ) и борачите Лука Колевски, Мартин Наумоски и Наум Димоски, минатиот викенд зедоа учество на турнирот во традиционално пеливанско борење „Трофеј“, кој се одржа во Штип, со што испишаа нова страница во развојот на боречките спортови во Охрид.

Ова е првпат натпреварувачи од Охрид да настапат на ваков тип турнир во пеливанско борење, што според познавачите претставува значаен исчекор за охридското борење и доказ дека интересот за овој традиционален спорт сè повеќе се шири и во југозападниот дел на Македонија.
Турнирот во Штип годинава собра исклучително силна конкуренција, со учество на професионални борачи од повеќе балкански земји, како и натпреварувачи од Турција – земјата која се смета за колевка на пеливанството и каде овој спорт има вековна традиција и огромна популарност.

Пеливанското борење е еден од најстарите облици на традиционално борење на Балканот и во Мала Азија. Самото име „пеливан“ потекнува од персискиот збор „пахлаван“, што значи јунак, силен човек или борец. Низ историјата, пеливаните биле симбол на сила, чест, дисциплина и машкост, а борбите најчесто се одржувале на народни собири, верски празници и големи фестивали.

Најпознатата форма е масното борење, каде натпреварувачите носат специјални кожни панталони и телата ги мачкаат со масло, што ја прави борбата уште потешка и бара огромна физичка подготвеност, техника и издржливост. Денес пеливанството е особено популарно во Турција, Бугарија, Македонија, Косово, Албанија и делови од Србија и Босна и Херцеговина.
Во Македонија, традицијата на пеливанството е присутна со децении, особено во источниот и југоисточниот дел од државата, каде турнирите редовно привлекуваат голем број гледачи и натпреварувачи. Последниве години се забележува обновен интерес кај младите спортисти, а турнирите добиваат и меѓународен карактер.

Настапот на Илија Спасески и Лука Колевски се оценува како важен чекор кон афирмација на овој спорт и во Охрид, а љубителите на боречките вештини се надеваат дека во иднина ќе има уште повеќе охридски претставници на вакви натпреварувања.
View this post on Instagram














