АктуелноИНТЕРВЈУИнтервјуаОхрид

Директорката Поповиќ нескромно најавува спектакл за отворањето на Охридско лето

Со грандиозен концерт на светската оперска дива, сопранот Ангела Георгиу од Романија и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија на 12 јули на сцената на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 63. издание на фестивалот „Охридско лето“. На фестивалските сцени ќе видиме над 1000 уметници.  На ден пред свеченото фестивалско отворање директорка на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, нескромно најавува спектакл.

„Не би сакала да ги споредувам врвните светски уметници, бидејќи за мене како уметник и како музичар сите се врвни и сите светски. Се сеќаваме сите на Карерас, кој имаше врвно отворање на Охридско лето, но годинава станува збор за светски познатата дива сопранка Ангела Ѓеоргиу, која се вбројува во најславните во историјата на операта и која има одржано најмногу концерти ширум светот, дали со оперски куќи или солистички концерти и на наше огромно задоволство годинава ќе го отвори 63 тото издание на Охридско лето, во придружба на оркестарот на македонската опера и балет, а под диригнеска палка на нејзиниот сограѓанин. Станува збор за многу квалитетни светски уметници кои ќе изведат неколку арии, а неколку изведби ќе има и оркестарот на македонската опера и балет. Радува фактот што имаме заинтересирана публика и регионално за отворањето на Охридско лето, бидејќи Ангела за прв пат настапува во овој регион и е многу среќна, бидејќи сама кажа „Ако некогаш сум имала трема, сум имала бидејќи знам дека во одредена земја од светот нацијата е премногу талентирана, а за вас слушнав дека од цела поранешна Југославија вие сте најталентирани и по игра и по песна“. Оваа нејзина изјава многу ме радува бидејќи самата кажа дека можеби има мала трема бидејќи сме многу талентирана нација“, вели за Охрид 1 директорката Поповиќ.

Свеченото отворање на фестивалот е на Античкиот театар. Годинава реновирани се и сцената и дрвенаријата.  Раководството на фестивалот вели дека ќе се потрудат сцената да изгледа магично за сите нас, но и за уметниците кои ќе бидат на сцената.

Покрај најавата за спектакуларно отворање директорката најавува уште една вечер за паметење.

„Уште едно големо име кое е во програма на 26 јули е еден од најпознатите холивудски актери, режисер, текстописец, сценограф и актер, славниот Џон Малковиќ кој ни доаѓа од најпрестижниот црвен тепих -Холивуд, со задоволство прифати да биде дел од програмата на Охридско лето бидејќи кога му се испрати понудата за овој фестивал самиот кажа дека му е огромна чест што доаѓа на Охридско лето и најави дека има можност во иднина да сними некој филм. Доаѓа со две сопранки и оркестарот на Виенската музичка академија, а проктот е негов лично. Кажа „Дозволете да ве изненадам, јас сум глумец, јас сум актер, можеби на сцената понесен од амбиентот и публиката нешто ќе измислам“. Ја велам дека годинава имаме „две“  фестивалски отворања. Ова на 12 ти и на 26 јули.  Останатите фестивалски вечери се со многу квалитетни уметници од земјава и странство. Заедно со селекторките цела година работиме на програмата, па нормално истата треба да е одобрена од ресорното министерство“.

И годинава фестивалската програмата е конципирана да има по нешто за сите вкусови и за сите генерации. Така да не се само класичната музика и театарот кои се на некој начиин главен примат на фестивалот, спектакуларни најави има и во Оф програмата.  Неизбежен е Џез концертот, а  за прв пат на Охридско лето  годинава има и фадо музика од популарната Жоана, која доаѓа од Лисабон – Португалија. Овој настан е на фестивалската програма на 4 ти август на роденденот на Охридско лето.

Но, ништо неможе да се направи без финсиска поддршка. Директорката Поповиќ уште еднаш изрази ограмна благодарност до министерството за култура, но и до сите спонзори и помагатели.

-Јас го изразив моето задоволство од поддршката на министерството за култура за Охридско лето, јас навистина сум благодарна за буџетот кој го издвои за наша поддршка и покрај економската криза. За да направиме ваква квалитетна програма ни помогна и Владата на Р Северна Македонија, конкретно за проектот за Џон Малковиќ. Амбасадите ги поддржуваат нивните уметници, годинава имаме 11 дипломатски вечери (Италијанска, Француска, Полска, Американска, Грчка, Турска, Српска, вечер на Европска унија …) но огромна поддршка имаме и од нашите пријатели – спонзорите „Македонски телеком“ како генерален спонзор, а имаме и доста нови спонзори кои кога ја видоа квалитетната програма сами посакаа да бидат спонзори на Охридско лето. Морам да напоменам дека и локалната самоуправа – Општина Охрид секогаш ни излегува во пресрет за што сме многу благодарни“, вели директорката Поповиќ.

И годинава фестивалот ќе го отвори претседателот Стево Пендаровски како главен поковител, а тука ќе биде и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која ќе се обрати пред присутните.  Уметничката порака пак  годинава ќе ја пренесе диригентката Бисера Чадловска, која што е музички селектор на фестивалот  и која годинава слави 20 годишен јубилеј од нејзиното диригирање.

По се изгледа 63 тото фестивалско издание на Охриско лето по многу нешто ќе биде специфично. Директорката најави дека на нејзино лично инсистирање ќе има промена и во сценариото. А што се однесува до влогот кој лично го дава за се поуспешен фестивал скромно вели:

– Не сум себична по природа, упорна сум многу, дупли јарец, не читам хороскопи, но  можеби на тоа се должи мојата упорност.  Да, ги користам личните контакти, ама ги споделувам со селекторите, со ресорното министерство, не ги чувам за мене, не сум себична бидејќи ова е тимска работа. Ги искористив и сеуште ќе ги користам сите лични контакти, бидејќи долги години живеев во Америка, таму се школував, таму ја изградив мојата кариера со мои лични пијанистички концерти, конкретно во Чикаго – Америка. Пред две години сум назначена за почесен делагат на Европската асоцијација на фестивали каде членки се над 140 фестивали со седиште во Брисел, а Охридско лето се бројува во првите пет. Секоја година има самит во различна земја. Делегати се околу 20 тина од 370 учесници. На овие самити доаѓаат не само уметници туку и нивните менаџери и да бидам искрена 90% од сите нив сакаат да настапат на Охридско лето, затоа што ова е приказна која трае 63 години“, вели за Охрид 1 директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ.

 

извор: Охрид 1