АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Маж од Охрид пријавил дека бил претепан од сопругата – од страв од медиумски линч не се ни обидел да се одбрани

Маж попладнево во СВР Охрид пријавил дека бил физички нападнат и претепан од неговата сопруга. По дадениот исказ во полиција, тој се упатил во Општата болница во Охрид, каде што обезбедил медицинска документација за телесните повреди кои, според неговото тврдење дадено во СВР Охрид , му ги нанела сопругата.

Како што дознава Ohrid1.com, особено загрижувачки во целиот случај е фактот што мажот, според неговото кажување, воопшто не пружал отпор додека сопругата мавала по неговото лице и тело.

Причината за таквата негова реакција бил стравот дека евентуалниот чин на нужна самоодбрана би можел да биде прикажан како напад врз сопругата, по што би се соочил со медиумски линч, јавна осуда, па дури и протести против него.

Поради тоа, тој проценил дека е подобро воопшто да не пружа отпор, препуштајќи се на милост и немилост на сопругата, која, според неговиот исказ, неколку минути го удирала, нанесувајќи му повеќе телесни повреди,  најмногу на лицето, рацете и на рамото.

Дали атмосферата на јавен линч почнува да предизвикува последици во обратна насока?

Случајот отвора сериозно општествено прашање – дали атмосферата на јавна хистерија, медиумско пресудување и политизирање на случаите на семејно насилство создава страв кај дел од мажите дури и да се обидат физички да се заштитат кога самите се жртви на напад?

Дали општеството доаѓа во ситуација во која мажот, од страв дека однапред ќе биде прогласен за виновен, ќе избере да трпи удари и телесни повреди наместо да се заштити?

Старата народна поговорка „Господ да те чува од женска беља“ во контекст на овој случај добива поинаква димензија, но проблемот е многу посериозен од која било народна поговорка.

Семејното насилство нема пол. Жената која е жртва на насилство заслужува целосна институционална и општествена заштита, но истото право мора да го има и мажот кој е жртва на насилство од својата партнерка.

Борбата против насилството не смее да се претвори во борба против еден пол, ниту, пак, во инструмент за политички интереси и медиумски линч. Вината треба да се утврдува врз основа на докази, а не врз основа на полот на пријавениот.

За конкретниот случај се очекува официјална информација од СВР Охрид. Наводите за нападот и околностите под кои се случил засега не се официјално потврдени.

Ohrid1.com / Фото АИ илустрција