До сега нема взаемен договор со ресорните министри за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков и најави дека е можно попладне да има средба во Владата.
„Има сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во детските градинки, во интерес на родителите, во интерес на колегите кои штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата“, изјави Неделков.
Како што рече лидерот на СОНК, доколку нема договор, штрајкот продолжува и утре. Тој очекува да постигне и договор за динамика на пораст на платите во следните години.