Над 15 години интервентна кардиологија во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св Стефан“. Растот на бројот на изведени процедури и видот на сложеноста на интервенциите кои се изведуваат е возможен само преку растот на тимот на оваа регионална болница, кој макортпно се вложува за секоја интервенција. д-р Виолета Мојсовска е дел од овој тим. Д- р. Мојсовска е пример што значи да се биде успешен кога се работи со љубов.
Млада, харизматична докторка, која пред се на пациентите им пристапува со пријателски однос, а во работата ги применува своите знаења и усовршувања стекнати од повоздрасни колеги, но и реномирани странски експерти.
Охрид1: Доктоторке, сеуште живееме во пандемија. Но, реномираната болница од која сте дел и покрај тоа што изолира дел за ковид пациенти, сепак си продолжи со својата работа, поточно не ги затвори вратите во ниту еден момент за пациентите на кои им требаше. Како успеавте?
Д-р Виолета Мојсовска: Трагичните последици од пандемијата со COVID 19 за жал на сите ни се добро познати, преку бројот на заболени и починати лица. Но, евидентно беше влијанието на пандемијата и врз пациентите кој боледуваат од други заболувања, вклучувајќи ги и кардиоваскуларните болести. Долготрајните рестрикции и мерки одложија голем дел од елективните процедури, амбулантски прегледи и програми за рехабилитација, со последователни негативни ефекти, токму врз највулнерабилните кардиоваскуларни болни. Нашата установа, заедно со 107 центри за интервентна кардиологија од светов од 2019 година учествува во моментално најголемата студија во која се иследуваат COVID пациенти, со вклучени 16.599 пациенти и примарна цел е да се процени влијанието на пандемијата со COVID19 врз третманот и исходите кај пациенти со микарден инфаркт. Резултатите, како кај нас, така и во поголемиот дел од центрите кои учествуваат, до овој момент покажаа значајна редукција на бројот на дијагностицирани инфаркти и извршени процедури во овој временски период, што се претпоставува дека е резултат на присутниот страв од движење низ здравствените установи, поради зголемена можност од инфицирање како и пролонгираната дијагностика на кардиоваскуларните болести и отпочнување со терапија, во услови кога вниманието беше свртено кон дијагностика и третман на ковид инфекцијата.
Во една ваква состојба и покрај отворениот ковид оддел кој фунционираше во склоп на нашата установа, редуцираните редовни прегледи и елективни процедури, ние како специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања, во ни еден момент не прекинавме со дијагностика и третман на ургентните пациенти. Медицинскиот и немедицинки персонал, придржувајќи се до сите препораки за заштита на нашите пациенти, за цело време максимално посветено работеше на обезбедување квалитетни и достапни здравствени услуги за граѓаните од регионот.
Охрид1: Имаме еден податок кој е за почит. Дали е точно дека во специјалната болница во Охрид над 20 % од ковид пациентите кои биле згрижени со многу тешка клиничка слика и биле на кислородна поддршка, благодарение на стучниот тим ја победија короната?
Д-р Виолета Мојсовска: Од отпочнување на пандемијата со COVID 19, претходно дијагностицираните коморбидитети или пропратни болести кај пациентот, особено присуството на кардиоваскуларни болести се покажаа како огромен ризик и предиктор за потешка клиничка слика. Како регионален COVID центар нашата установа ги згрижуваше најкомплицираните и најтешко болните, поради што и во пракса ги увидoвме потешкотиите и компликациите со кои се соочуваат пациентите со кардиоваскуларни болести во тек на самиот третман и особено во процесот на рехабилитација и опоравување од последиците на инфекцијата. Нашиoт стручен тим, под водство на др. Елена Коваческа Башуроска, преку континуирана едуцкација и информирање за најновите протоколи во однос на третманот на COVID 19, успеа да обезбеди комплетна нега за сите пациенти кои се третираа во нашава установа. Нашиот COVID центар беше единствена установа во регионов која ги третираше пациентите кои имаа потреба од механичка вентилација, односдно поставување на респиратор. Овие пациенти беа посебен предизвик за нас, бидејќи покрај респираторниот систем и дишењето, паралелно мораше да се контролираат и следат и параметрите на сите останати системи. Жалосно е што бевме сведоци на тешки компликации од инфекцијата, кај кои не можевме да помогнеме и покрај вложување на максимални напори, но за нашиот тим, огромен успех претставува податококот дека 20% од овие пациенти, после долготрајно лекување и рехабилитација успеавме комплетно да ги опоравиме и да им овозможиме полека да се вратат на секојдневните активности.
Охрид1: Во секое поле треба постојана надградба на знаењата, но за медицината би се рекло дека тоа е неизбежно. Вие сте една од тие која постојано ги следи светските достигнувања во медицината и интервентната кардиологија при тоа усовршувајќи се во и надвор од нашата земја. Што беше пресудно да се одлучите за карирера во интервентна кардиологија и на кој начин ги надградувате Вашите знаења и искуство?
Д-р Виолета Мојсовска: Најпрво морам да посочам дека врз основа на моето искуство, Специјализираната болница за кардиоваскуларни болести, претставува една од ретките здравствени установи во државава во која едукацијата и надградувањето на стручноста медицинскиот персонал е на прво место. Почнувајќи од условите во кои работиме и се едуцираме, надоплонети со отвореноста и достапноста на поискусните колеги во споделување на сопствените искуства и знаење, создаваат работни услови во кои секој млад доктор би посакал да работи.
Интервентната кардиологија претставува моја желба и сон уште студентските денови, кога за време на студиската размена која ја изведував во Египет, за прв пат го почуствував адреналинот и возбудата од работата во катетеризациона лабораторија. Генерално процентот на жени – интервентни кардиолози на светско ниво е многу мал, бидејќи покрај интелектуалните капацитати, оваа работа бара и физичка спремност и отажување од многу други желби и планови. Но, по изминати неколку години во изучување на дијагностичките процедури и третман во амбулантскиот оддел и како помлад доктор во интензивна нега, од пред три години сум ангажирана на одделот за интервентна кардиологија, работејќи покрај луѓе чии успеси се познати и признати надалеку. За исполнувањето на мојот сон огромен придонес има др. Никола Бакрачески кој како шеф на овој оддел, преку обезбедување на максимална поддршка и секојдневно споделување на своето долгогодишно искуство и знаење, мене и на моите колеги, ни овозможува континуираната едукација и напредок во полето на интервентната кардиологија.
Неразделен дел од мојата континуирана надградба како доктор претставува и учеството на семинари, работилници и конгреси како во нашава земја, така и надвор од нејзините граници. Достапноста на информациите во денешно време ни овозможува од прва рака да ги добиваме резултатите од изведувани студии за најнови начини на третман и процедури кои се изведуваат во најнапредните катетеризациони лаборатории во светов. Паралелно со практичната работа, последниве години како дел од научно-истражувачката дејност во нашата установа, учествував во неколку светски студии на разлини теми од кардиологијата, со што придонесуваме во создавањето на бази на податоци кои претставуваат основа за публикување на светските препораки за третман на кардиоваскуларните болести. Па во таа насока, од пред една година отпочнав и со докторски студии на Медицинскиот факултет во Скопје и во моментов ја изработувам мојата докторска дисертација на тема поврзана со интервентна кардиологија.
Охрид1: Каде беше вашето последно усовршување?
Д-р Виолета Мојсовска: Како што споменав претходно, континуираната едукација и усовршување се нераскнлив дел од напредокот на секој доктор. Присуството на конгресите за интервентна кардиологија е незаборавно искуство. Почнувајќи од темите и случаите кои се презенитраат, а кои ги претставуваат најновите достигнувања во изведување на одредена процедура, потоа остварувањето на контактки со колеги од светски признати катетеризациони лаборатории и можноста за практична вежба и едукација за одредени интервентни процедури. За жал со отпочнување на пандемијата со COVID 19 скоро сите кардиолошки конгреси, семинари и едукативни работилници беа откажани, или се изведуваа online, со што оваа можност ни беше ускратена. Пред две недели, по пауза од скоро две години имав можност да бидам дел од настан Advanced Therapies Summit кој се одржа во Дубаи, како дел од еден од најголемите конгреси на средниот исток, GulfPCR. На собирот беа презентирани новини од најакутелните теми во интервентата кардиолгија и морам да признаам дека е прекрасно чуството на повторно враќање во големите конференциски сали, во опкружување на врвни интервентни кардиолози од цел свет. Искрено се надевам дека за брзо време ќе ја надминеме состојбата со COVID 19 пандемијата, со што ќе имаме можност за учество на уште помасовни собири од областа на кардиологијата.
– Вие бевте дел од тимот кој работеше на проектите “Heart Safe Cities” и “Cross4all” кои се дел од Interreg IPA – CBC програмата за прекугранична во соработка со Грција, а благодарение на овој проект Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања ја обнови и надгради медицинската опрема. Што добивте, и дали повторно се работи на некој проект?
Нашата установа од 2018 година за прв пат стана партнер во два проекти кои се дел од Interreg IPA – CBC програмата за прекугранична во соработка со Грција, финансирани од Европската унија. Работата и имплементацијата на проектните активности беше исклучителен предизвик за тимот од нашата болница, земајќи го во предвид отсуството на претходно искуство во вакви активности, но соработката со останатите партнери и максималната посветеност на нашиот тим вроди со плод и крајните резултати и од двата проекти се од исклучителен придонес за нашата установа. Преку проектот Heart Safe Cities , во кој наши партнери се 4тиот Округ за Здравје на Македонија и Тракија и Општина Каламарија од Грција и Здравствен дом Охрид, обновивме и надградивме голем дел од медицинската опрема во нашата установа. Преку набавка на 10 автоматски дефибрилатори, централен мониторинг за пациенти во интензивна нега, апарат за ехокардиографија, ЕКГ апарати и комплето опремено амбулантско возило, го зајакнавме нашиот капацитет за третман на кардиоваскуларните болести. Исто така , преку спроведување на едукации за основно и напреднато одржување во живот на граѓани од регионот и медицински персонал, континуирано работевме на подобрување на квалитетот на здравствените услуги во Охрид.
Целта на проектот Cross4all беше поттикнување на здравствената писменост и дигиталната здравствена писменост, дизајнирање на иновативни практики за справување со здравствените нееднаквости и подобрување на пристапот до здравствени услуги за сите граѓани, воспоставување на нови механизми фокусирани на условите на сиромаштија и обезбедување на услуги во домовите, вклучително и во руралните и изолираните области, промовирање заеднички стратегии за развој на интегрирана здравствена и социјална грижа во прекуграничната област. Преку овој проект нашата установа набави медицински апарати (глукометри, спирометри, холтер апарати, електронски стетоскопи, електронски ваги, таблети, интерактивни информативни табли…) кои се користат во дијагностичките продедури во амбулантниот дел на болницата, а во моментов се печати и водич за обезбедување на достапни здравствени и социјални услуги за луѓе со попреченост и вулнерабилни групи, кој го изработи тим од нашата установа.
Придобивките од учеството во вакви проекти се огромни и искуството со кое се здобивме при имплементацијата е непроценливо, поради што се надевам дека по финализирање на активностите со овие два проекти, во најскоро време ќе продолжиме со работа на нови иницијативи и проекти.
Охрид1: За жал сведоци сме дека старосната граница на пациенти со срцеви заболувања се намалува постојано. Кои се причините? Дали може совет со Охриѓани, кои симптоми никогаш не треба да ги занемаруваат?
Д-р Виолета Мојсовска: Кардиоваскуларните заболувања за жал остануваат водечка причина за смртност на глобално ниво и според последните статистики податоци од Светската Здравствена Организација, оваа бројка изнесува околку 17.9 милиони смртни случаи годишно. Поразителни се информациите за забележително намалување на старосната граница за појава на кардиоваскуларни заолувања, со секојдневно зголемување на овој процент помегу пациентите во 20-тите и 30-тите години, како резултат на “нездрав” начин на живот со намалена физичка активност, конзумирање на несоодветна храна, цигари и алкохол во екцесивни количини и обезност (прекумерна телесна тежина).
Во борбата против кардиоваскуларните заболувања, како лекари најпрво сме насочени кон примарната превенција и преку предавања, едукација и разговор со нашите пациенти се обидуваме да укажеме на важноста од навременото отпочнување со хигиено диетески режим на исхрана, редовна физичка активност (која може да биде од лесна прошетка и пешачење, до интензивна физичка активност со џогинг, возење велосипед, пливање и планинарење, зависно од кондиционата спремност на самиот организам), потоа прекин на пушење, умерено конзумирање на алкохолни пијалоци, како и регулирање на пропратните заболувања како дијабет, хиперлипидемија (зголемени маснотии), регулација на крвниот притисок, кои преставуваат значајни ризик фактори во појавата и напредокот на кардиоваскуларните зболувања.
Следна фаза претставува навременото препознавање на симптоматологијата и тегобите кои би укажале на потреба да се обратите кај кардиолог. Доколку пациентот почувствува задишување и/или замор при мала физичка активност, изразена слабост и малаксалост, појава на градна болка, болка во грб, рамен појас, трнење на рацете, до состојба на препотување, гадење и повраќање, веројатноста за присутна кардиоваскуланра болест е голема и потребно е да се направат дополнителни иследувања. По направените неинвазивни и инвазивни дијагностички процедури се препишуваа соодветна терапија и се даваат препораки за понатамошниот начин на живот на пациентот. Од особена важност за нашите пациенти е да сфатат дека кардиоваскуларните заболувања спаѓаат во групата на хронични болести, односно заболувања кои не се лекуваат со една или две дози на лекот, туку најчесто е потребно доживотно земање на препишаната терапија, со редовни консултации и контроли кои ќе ги закажува матичниот кардиолог.
Охрид1: На крајот може ли да ни откриете нешто за себе. Што е тоа што ви ги „полни“ батериите по напорен ден на работа? Патувања, читање, филм, пешачење … без што не можете?
Д-р Виолета Мојсовска: Да бидам искрена уживам во тоа што го работам, и секој момент поминат работејќи како доктор, сите предизвици со кои секојдневно се соочуваме, ме исполнуваат максимално. Иако некогаш сме сведоци на многу тешки ситуации, но моментот кога ќе го испратиме пациентот на нозе од нашата болница, ми дава мотив и енергија за понатаму. По завршувањето на работните обрски, се опуштам во друштво на мојот сопруг, со чаша вино, најчесто со поглед на нашето прекрасно езеро. Викендите ни се резервирани за дружење со пријателите и семејството, организација на некое кратко патување или прошетка по планинските предели во околината на Охрид. И не можам да не го споменам времето поминато со моите внуци Матеа, Климент и Јан кои ме исполнуваат со позитивна енергија и среќа.