АктуелноОхрид

Обвинителство ќе го гони професорот од Струга, кој со железен боксирач удри ученик

Струшкото обвинителство покрена обвинение против наставникот од средното училиште „Ибраим Темо“ кој првин нападна колешка па потоа со боксирач нападна 18-годишен ученик. Обвинет е за насилство, за дело за кое е предвидена казна меѓу 3 месеци и 3 години затвор.

Во соопштението обвинителството објави и дека бара продолжување на притворот:

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против 57 – годишен професор од Струга, за сторено кривичното дело – Насилство од член 386 став 1 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 23.12.2021 година околу 13:30 часот, со боксирач удрил ученик на возраст од 18 години. Физичкиот напад следел по претходно влошени меѓусебни односи и вербална расправија. Притоа, обвинетиот замавнал со десната рака на која претходно го имал ставено железниот боксирач и го удрил оштетениот ученик во пределот на главата.

Со преземените дејствија обвинетиот нанел телесни повреди кај оштетениот, извршил грубо насилство и во јавноста предизвикал чувство на несигурност.

Обвинителството до надлежниот суд достави и посебен предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор за обвинетиот.