АктуелноОхрид

Митрополитите г. Лукијан Будимски и г. Јован Крушевски – гости на Бигорската Светиња

Во денешниот светол октомвриски ден, на споменот на Преподобниот Андреј Јуродив и на Светите Кипријан и Јустина, нашата Свештена Обител беше удостоена и украсена со посетата на двајца ценети архиереи на Црквата Божја, Високопреосвештените Митрополити г. Лукијан Будимски и администратор Темишварски и г. Јован Крушевски и Демирхисарски. Со оглед на тоа што Митрополитот г. Лукијан за прв пат доаѓа во нашиот Манастир, нему му беше приреден официјален манастирски пречек – иподохи. Драгите гости беа срдечно пречекани од Старецот на Обителта, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, кој по предвидените песнопенија и многулетието во храмот, им посака топло добредојде на двајцата архиереи, искажувајќи ја својата радост и почест:

Ваше Високопреосвештенство г. Лукијане,

За нас преставува особена чест што денеска, заедно со нашиот многу почитуван и возљубен брат, Високопреосвештениот г. Јован, допатувавте во нашата Свештена Обител, за да се поклоните на оваа голема и древна Светиња, но и да го испросите за нас Божјиот благослов. Оти, секогаш кога во еден манастир доаѓа епископ, за манастирот тоа значи слава, голем благослов, посета од Самиот Христос. Затоа ви посакуваме едно топло добредојде и ве замолуваме да се чувствувате како дома“.

Одговарајќи на овие поздравни зборови, Митрополитот г. Лукијан го изрази својот восхит од посетата на Бигорскиот Манастир:

„Ви благодарам за поздравот и за Вашите љубезни зборови, брате архиереју Партение! Му се заблагодарувам и на вашиот архиереј и на својот брат архиереј Јован што ме доведе во оваа Светиња, којашто многу години посакував да ја видам и која е надалеку, надалеку прочуена. Многу луѓе ми говореа: ’Одете да видите како изгледа Свети Јован Бигорски. Многу е убаво, многу е добро‘. Но навистина, не можев да очекувам дека е толку убава и голема и важна оваа Светиња, со голема слава.

Вашите стари овде, кога ја правеле оваа Светиња, како да биле пророци, како да биле видовити, дека ќе живееме во еден свет во кого има сè помалку и помалку вера. Европа станала колевка без вера на атеизмот; Христијанството го има сè помалку и помалку. И си спомнувам на оние евангелски зборови: ’Вие сте светлина на светот. Вие сте сол на земјата‘. Значи, особено многу е важна оваа Светиња. И народот кој е жеден за вера и гладен за небесна храна може овде да дојде и да ги нахрани своите душа и тело. И добива сила. Кога ќе отидеш во воденица, или мелница како што кажувате вие, мора да остане нешто брашно на тебе; така, и кога ќе дојдеш во Свети Јован Бигорски, мора да добиеш некоја благодат овде. Колку овде има молитва! Колку темјан! Колку солзи! И сето тоа е вознесувано на Бога многу многу векови и години откако постои оваа древна Светиња. А денес, ова е оаза. Не говорам само за соседството, туку општо за светот. Ова му е многу потребно. Тоа се, можеби, последните столбови кои го држат Христијанството и Православието.

И затоа, драго ми е што ги гледам овие братија овде, заедно со Вас, отче и духовнику, кој имате една паства што се моли и за сите и за сè. Овде секојдневно горат кандила, секојдневно се слуша ѕвон од камбани – сето тоа заминува пред небесниот престол на Светата Троица, пред Мајката Божја и пред заштитникот на оваа Света Обител. Имавме прилика да го видиме и манастирот Рајчица, за кого секогаш читаме и следиме по социјалните мрежи и навистина ни е драго што, еве, уште една Светиња е обновена овде, во Македонија, која целата е покадена со темјан и молитви од апостолски времиња, па до нашите рамноапостолни Кирил и Методиј и светлозарните Петточисленици…

Нека Бог ви даде многу години на сите вас. На многаја лета!“

 

 

Бигорски манастир