АктуелноОхрид

Николоски: Автопатот Охрид – Кичево ќе се заврши во рок, манипулациите паѓаат во вода

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски остро реагираше на, како што ги нарече, „невистините, лагите и манипулациите“ поврзани со изградбата на автопатот Охрид – Кичево, потенцирајќи дека проектот се реализира со засилено темпо и ќе биде завршен во предвидениот рок.

Во објава на социјалните мрежи, Николоски посочи дека одредени „самопрогласени синдикални лидери“ шират дезинформации за вредноста и роковите на изградба.

„Ќе чинел милијарда евра, никогаш немало да се заврши и слични небулози. Без ни еден факт! Нула!!!“, напиша Николоски, додавајќи дека ваквите тврдења имаат за цел да ја збунат јавноста.

Тој апелираше „да не се замајува народот“, нагласувајќи дека граѓаните наскоро ќе бидат сведоци на завршувањето на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата.

Николоски во објавата направи и споредба со претходната власт, наведувајќи дека „Владата на СДСМ и ДУИ, по која очигледно жалат, камче не стави 7 години“, додека, како што тврди, актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски работи интензивно на терен.

Како доказ за посветеноста, тој посочи дека и во недела навечер бил на работен состанок во Министерството за транспорт, токму за овој автопат.

„Потврда за тоа е што до сега бев на работа во Министерство за транспорт, во недела во 21 часот. Последен состанок беше за автопатот Охрид – Кичево“, напиша Николоски.

Тој уверува дека проектот ќе биде реализиран согласно планираната динамика.

„Ќе го завршиме на време и сите ќе му се радуваме“, порача вицепремиерот.

Автопатот Охрид – Кичево е еден од клучните инфраструктурни проекти во државата, кој треба значително да го подобри поврзувањето и економскиот развој на регионот.avt