Вистинска драма се случила на пешачката патека кај Студенчишта, каде параглајдерист кој вршел комерцијални летови со туристи, за малку ќе повредел мајка и дете кои мирно се движеле по патеката.
Според видеото кое го објавуваме, параглајдеристот летал опасно ниско над пешачката зона, директно над луѓето кои се шетале покрај езерото. Во еден момент, тој за влакно ја промашува мајката која била со своето дете, се гледаат други деца кои уплашено бегаат по што удира во столб за улично осветлување и целосно го оштетува и повторно само за влакно тој заедно со металниот столб не падна врз стари лица кои се движат со бастун.
На снимката јасно се слуша врисокот на исплашената мајка, која во последен момент успева да избегне трагедија. Само среќата спречила овој инцидент да заврши со сериозни последици, повреди или, не дај Боже, човечка жртва.
Граѓаните кои секојдневно ја користат оваа пешачка патека се вознемирени и бараат надлежните институции итно да реагираат, да го испитаат случајот и да утврдат дали параглајдеристот ги почитувал безбедносните правила и дозволите за ваков вид комерцијални летови.
Дополнително, се отвора и сериозното прашање – дали лицата кои комерцијално вршат летови со параглајдер и превезуваат туристи подлежат на редовни алко-тестови или тестови за присуство на наркотични супстанци? Дали некоја институција воопшто врши контрола во каква психофизичка состојба овие лица ги извршуваат летовите, со оглед дека станува збор за директна одговорност за човечки животи? Туристите плаќаат за оваа услуга, но кој гарантира дека лицето кое ги управува летовите е целосно способно, трезно и безбедно да ја извршува оваа дејност? И конечно, дали оваа област е доволно јасно и строго регулирана во Македонија, или безбедноста повторно се остава на среќа?
Останува прашањето – кој ќе сноси одговорност доколку следниот пат среќата изостане?











