Општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“ – Охрид беше домаќин на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и делегација на Комората, при што беа презентирани образовните капацитети, современата опрема и резултатите од соработката со стопанството.
Директорот на училиштето, Сашо Недески, на гостите им посака добредојде и ги запозна со работните простории, сервисниот центар, како и кабинетите наменети за реализација на практичната настава и учењето преку работа во рамки на дуалниот систем на образование.
Посебен акцент беше ставен на реализацијата на грантот добиен во 2021 година од Фондот за предизвици, во соработка со компаниите „Костал“, „ЛТХ Леарница“, „ОДВ Електрик“ и Стопанската комора. Проектот опфаќа набавка на опрема за машинската струка и мехатрониката, со цел модернизација на наставниот процес и училишната работилница, а неговата целосна реализација е предвидена за почетокот на 2027 година.
За време на посетата беа презентирани и комплетно опремените кабинети за пневматика и хидраулика, енергетика, електроника, како и автомеханичарската работилница. Опремувањето е реализирано со поддршка од РЦФ-фондот, Локалната самоуправа и градоначалникот на Општина Охрид, додека инфраструктурното реновирање на училиштето е реализирано преку проект на Министерството за образование и наука.
Значаен дел од презентацијата беше посветен и на соработката со бизнис-секторот. Во дуалниот образовен процес на училиштето се вклучени повеќе од 80 компании и фирми, во кои учениците имаат можност практично да ги применуваат стекнатите знаења и да се стекнуваат со работни вештини во реална работна средина.
Како признание за успешната соработка и партнерството во развојот на дуалното образование, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ му додели плакета.
Од училиштето упатија благодарност за признанието, истакнувајќи ја важноста на партнерството со компаниите и институциите во создавањето квалитетен стручен кадар, подготвен да одговори на потребите на современиот пазар на трудот.


















