АктуелноОхрид

Македонија гордо претставена на првиот ден од Европското првенство во Крит Р. Грција

Првиот ден од Европското првенство 2026 во Крит Република Грција настапија Миа Танеска и Христијана Парулеска во дисциплината форми (борба со замислен противник)..

Миа Танеска, во категоријата 11–13 години девојчиња – црвен појас, беше елиминирана во 1/8 финалето од претставничка на бугарската репрезентација.

Христијана Парулеска, во категоријата 16–17 години јуниорки – црн појас I дан, имаше одличен настап. Во 1/16 финалето ја совлада претставничката од Германија, во 1/8 финалето беше подобра од натпреварувачка од Гренланд, но во 1/4 финалето, во борбата за медал, беше поразена од претставничката на Русија, која подоцна стигна до финалето и ја освои европската титула.

Теодора Митреска настапи во категорија форми – сениори (18–34 години), црн појас ( I дан), каде што по добра изведба беше елиминирана од претставничката на Шпанија.

Миа Танеска се натпреваруваше во категорија борби, девојчиња 11–13 години (+65 кг). Во исклучително тесна и неизвесна борба, која се решаваше во екстра третата рунда, таа беше поразена во 1/4 финалето со разлика од само 1 бод од претставничката на Шпанија. Со овој пораз, Миа остана на чекор до полуфинале и освојување на својот прв европски медал.

Ова е второ 1/4 финале за нашите натпреварувачи – уште една потврда дека сме блиску до освојување медал.

Во третиот и четвртиот ден од Европското првенство во Крит, Грција, настапија повеќе наши натпреварувачи кои достојно ја претставија репрезентацијата.

Христијана Парулеска, во категорија борби јуниорки (16–17 години, -58 кг), се натпреваруваше против претставнички од Украина, Грција и Русија, но не успеа да се пласира во борбата за медал.

Климент Богоески, во категорија борби јуниори (16–17 години, -57 кг), настапи против претставници од Белорусија, Шпанија и Бугарија. Како дебитант на Европските првенства, прикажа одлични борби и оствари победа над претставникот на Шпанија, додека против натпреварувачите од Белорусија и Бугарија загуби во тесна бодовна разлика.

Теодора Митреска, во категорија борби сениори (18–34 години, -67 кг), исто така дебитант на Европско првенство, имаше настапи против претставнички од Бугарија, Русија и Украина. Иако прикажа квалитетни борби, не успеа да обезбеди пласман во борбата за медал.

Владимир Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, -78 кг), настапи против претставници од Бугарија, Русија и Германија. И покрај одличните настапи, не успеа да се пласира во борбата за медал и да го повтори успехот од претходното Европско првенство во Естонија.

Давид Крстески, во категорија борби сениори (18–34 години, -64 кг), настапи против претставници од Бугарија и Велс, каде што оствари две победи. Сепак, во четвртфиналето беше поразен од претставникот на Русија.

Божидар Димитриевиќ, во категорија борби сениори (18–34 години, +92 кг), настапи против претставникот на Естонија, при што се здоби со повреда во втората рунда. По лекарски преглед, не му беше дозволено да ги продолжи настапите против претставниците од Русија и Бугарија.

Од ова Европско првенство се враќаме без освоен медал, но со голема мотивација за понатамошна работа, напредок и подобри резултати на следните натпревари.

Гордо ја претставивме Македонија и покажавме борбен дух, дисциплина и посветеност на највисоко ниво. Остануваме посветени на развојот на нашиот спорт и достојно претставување на државата на идните меѓународни, Европски и Светски натпреварувања.