Како Охрид да го развива туризмот, а истовремено да ги заштити природното и културното наследство и квалитетот на животот на локалното население? Одговори на ова прашање преку споредбена анализа на Охрид и Дубровник бара охридската истражувачка м-р Нина Кепеска, докторанд на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Кепеска во текот на октомври реализирала двонеделен научноистражувачки престој на Универзитетот во Дубровник, Хрватска, во рамките на меѓународната програма за академска мобилност ЕРАЗМУС+.
Истражувањето е дел од нејзиниот докторски труд на тема „Управување со одговорниот туризам како предуслов за одржлив туризам во Охрид“, а се темели на споредување на искуствата на две меѓународно познати туристички дестинации под заштита на УНЕСКО.
За време на престојот во Дубровник, Кепеска работела под менторство на д-р Ана Портолан, професорка на Економскиот факултет при Универзитетот во Дубровник.
Што може Охрид да научи од Дубровник?
Дубровник со години се соочува со предизвиците на масовниот туризам, поради што градот воведе мерки за подобро управување со туристичките текови и намалување на притисокот врз историското јадро.
Едно од најважните искуства што може да се применат и во Охрид е потребата од подобра распределба на туристите во текот на целата година, но и на поширок простор, наместо нивна концентрација на неколку најпосетувани локации.
Во фокусот на истражувањето е воспоставувањето рамнотежа меѓу три важни аспекти: зачувувањето на природните и културните вредности, квалитетот на животот на локалното население и задоволството на туристите.
Овој пристап е особено значаен за Охрид, каде што развојот на туризмот треба да биде усогласен со потребата од долгорочна заштита на Охридското Езеро, старото градско јадро и останатото природно и културно наследство.
Средби со претставници на туристичкиот сектор во Дубровник
Во рамките на истражувачкиот престој, Кепеска остварила повеќе работни средби со претставници на институции, стопанството и граѓанскиот сектор.
Меѓу нив биле Влахо Маргаретиќ од Одделот за туризам и спорт на Град Дубровник, Николина Тројиќ, претседателка на Хрватската стопанска комора за Дубровник, како и Ален Бошковиќ, секретар на Сојузот на спортови на Дубровник и директор на Дубровничкиот маратон.
Реализирани биле и средби со претставници на невладиниот сектор, хотелиери, угостители, туристички работници, музеи, локални жители и туристи.
Истражувањето вклучува и примена на европските туристички индикатори ETIS, преку кои може да се следат и мерат различни аспекти на одржливоста на туристичките дестинации.
Научните сознанија во функција на развојот на Охрид
Преку соработката меѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот во Дубровник, се очекува добиените сознанија да придонесат за унапредување на туристичките политики и управувањето со туризмот во Охрид.
Искуствата на Дубровник можат да бидат корисна основа за планирање на туристички развој кој нема да се темели исклучиво на зголемување на бројот на посетители, туку и на квалитетот на туристичката понуда, заштитата на наследството и придобивките за локалната заедница.
Истражувањето на Кепеска отвора важно прашање за иднината на охридскиот туризам – како градот да остане атрактивна светска дестинација, а притоа да ги зачува вредностите поради кои е препознатлив.
Извор: Ево.мк


















