четврток, ноември 14, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Мултикултурни и мултирелигиски едукативни средби во Мијачкиот крај

Во рамки на манастирската социјално-образовна мисија во Мијачкиот крај, со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската Обител, неодамна започнаа мултикултурни и мултирелигиски едукативни средби, кои имаат за цел да го зајакнат соживотот во овој шаренолик регион.

Овој пат, на наша голема радост, присутни беа дел од најмладите во крајот, без оглед на нивната етничка или религиска припадност. Беше навистина огромно задоволство да се биде дел од ова инспиративно едукативно дружење, на кое преку интерактивен метод децата изразија прекрасни мисли и заклучоци во однос на дадената тема, искажувајќи ја на тој начин радоста од својот веќе утврден соживот, како и најискрена желба за уште поквалитетно заедничарење и конструктивен развој во меѓусебните односи. Не можеше да се сокрие и воодушевувањето кое беше присутно и кај нивните родители, кои пак, од своја страна изразија искрена благодарност кон оваа иницијатива на владиката Партениј и неговите усилби и визија за уште поголем напредок на луѓето од регионот.

Се надеваме дека оваа добра практика ќе вроди со голем плод и ќе придонесе за соработка со останатите лица и институции, како и со уште поголемо присуство на заинтересираните од сите возрасти.

 

 

Бигорски манастир