Охрид и покрај старите, ископани, обрастени патишта и патиштата кои се градат скоро 10 години и инвестициите на државата кои во речиси сите области се сведени на нула, ја завршува една од нај успешните туристички сезони до сега, која по се изгледа ќе ги урне сите рекорди на посетеност на градот кој и на почетокот од есента уште е полн со туристи.
Но како Охрид како град под заштита на УНЕСКО стана дестинација која сериозно заостанува во развојот, како во приватните инвестиции, така и во инвестициите во инфраструктура, зад останатите центри од Балканот и градот стои во некој вакум во кој дури и јавното мислење е „алергично“ на секое спомнување на градби на патишта, жичница, катна гаража , хотели и друга инфраструктура.
Охрид има реални проблеми во делот на заштитата на природното и културното наследство, но, кога ќе погледнете што се прави на албанската страна од езерото, или ќе споредиме на пример со Бока Которска, не возможно е да не се постави прашањето : Дали некој невладини и активисти, барајќи смисла за своето постоење , комотно финансирани од странски но и од буџетски пари едноставно вршат злоупотреба на зборот УНЕСКО , со цел да го оправдаат своето постоење ? !
Охрид1 го посети збратимениот град и општината Котор, кои исто како и Охрид се под заштита на УНЕСКО, но кај нив сликата е сосема поинаква.
Бевме на планината Ловќен, каде стигнавме со жичница изградена годинава, , го посетивме градчето Пераст, кое е заштитени од УНЕСКО , но на куќите снимивме клима уреди и сателитски антени кои висат над главите на туристите низ тесните сокаци, додека во Котор впловуваат крузери кои се поголеми од стариот дел на градот, а низ цела Бока Которска се копа во планините за да се изградат скапи ресорти.
Може ли и уште колку долго Охрид ќе остане атрактивен за туристите, но и воопшто за живеење ако продолжи инвестициската блокада последниве години спроведена од владината УНЕСКО комисија која се спроведува речиси на секое поле и се однесува на исти или слични нешта кои во останатите УНЕСКО градови или на албанската страна од езерото се третира како инвестиција, никој на тоа не се противи и никој не прави проблеми.
ГО ЧУВАМЕ СЛАВНОТО МИНАТО ЗА НА НЕГО ДА ЈА ГРАДИМЕ БЛЕСКАВА ИДНИНАТА
Ова е своевиден слоган под кој се развива општината Котор и заливот Бока Которска, во кој се инвестираат милиони евра во инфраструктурни проекти и приватен капитал во луксузни и скапи сместувачки објекти, кои не ретко се градби по принципот на факсимилна реконструкција ( целосно уривање и градење на ист таков објект, со поинаква внатрешност )
Заливот Бока Которска е природно чудо и се смета за нај убав европски залив фјорд , кој е поголем дури и од тие во Норвешка.
Градот Котор има богата историја, пред се како дел од Венецијанската Република, додека гратчето Пераст е своевидна „прататковина“ на дел од европската аристократија, бидејќи од овде потекнуваат дури 12 аристократски фамилии од Европа, а нивното културно и историско наследство го штити УНЕСКО.
Но, да одиме по ред. Високо над заливот Бока Которска се издига планината Ловќен која е длабоко вградена во историјата на Црна Гора и има речиси митска димензија. Целиот овој простор е дел од Национален Парк Ловќен во кој има дури 1.158 видови растенија од кои дел се ендемски видови. Планината изобилува и со разновиден животински свет од ендемски видови на инсекти, змии, бел еж, па се до срни. волци, диви свињи и мечки кои се под заштита во паркот.
Но, ако до лани туристите кои сакаа да се качат на Ловќен мораа да одат со автомобили, преку Цетиње, од оваа година таму стигнуваат за 15 минути бидејќи е отворена ново изградената жичница, која овде во Црна Гора никој не ја спорел, никој не зборувал дека таа ќе ја оштети планината и ќе е штетна за живиот свет бидејќи е сосема обратно. Благодарение на жичницата, на Ловќен не се оди со автомобили и не се загадува воздухот, автомобилите не се опасност за животните, а самата жичница дневно носи приходи од илјадници евра бидејќи кај туристите интересот е огромен, па тука доаѓаат индивидуалци и цели групи кои уживаат во возењето на планината и прекрасните панорамски погледи на Котор, Бока Которска, Тиват, аеродромот и синилото на Јадранско море.
Дека нема никаков проблем со УНЕСКО , туку дека тоа се користи како препорака, ќе видите ако го отворите официјалниот сајт на жичницата kotorcablecar.com , каде прво нешто што ќе ви падне во очи е логото на УНЕСКО и напис дека жичарата е во подрачје заштитено од УНЕСКО. Или накратко кажано , УНЕСКО е реклама за жичарата .
Плановите се во иднина оваа жичница да продолжи до планинскиот град Цетиње и така овој град со таков еколошки вид на сообраќај да се поврзи со морето. Црна Гора за овој план како пример ја зела Швајцарија, каде стотици села и гратчиња во Алпите гондолите на жичниците ги користат како меѓуградски еколошки сообраќај кој ја чува природата и е целосно безопасен и корисен за живиот свет и за луѓето. И да напоменеме дека никој во овие земји не тврдел дека жичницата ќе ги наруши визурите на планината.
Доколку направиме ретроспектива како во Охрид беше дочекана идејата да се изгради жичница со која ќе се оди на Галичица, ќе мора да се прашаме дали Швајцарија не знае што е екологија, и дали УНЕСКО нема проблем со жичницата во националниот парк Ловќен, а има проблем таква да се изгради во Н.П Галичица ?
Би требало да се отвори и прашањето, дали воопшто некој некаде во било каков документ дал забелешки конкретно за можноста да се изгради жичница на Галичица, или медиумите тогаш целата фама ја креираа со помош на постови на Фејсбук, во кои се зборуваше за некакво нарушување на визурите на Галичица, без да се слушне некое стручно лице или да се направи споредба со некое светско искуство.
Стариот град Котор е историски центар, но денес тоа е епицентар на туристичките приходи кои се остваруваат на секој агол. Градот е обиколен со бедеми и во него се наоѓаат неколку цркви, од кои некои се стари колку и тие во Охрид и се градени пред црковниот раскол и поделбата на христијанството.
Владината УНЕСКО комисија го штити бекатонот на плоштадот кај чинарот ?!
Зошто Владината УНЕСКО комисија ја блокира градба на катна гаража во Охрид ? !