АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Владината УНЕСКО комисија го штити бекатонот на плоштадот кај чинарот ?!

Иако најавена , со изготвен проект и обезбедени средства, по се изгледа ништо од реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид.

Овој плоштад , кој во пошироката македонска јавност е познат по чинарот стар над 1000 години повеќе од две децении стои поплочен со бекатон коцки.

ДАЛИ УНЕСКО ГО ШТИТИ И КАКВА ВРЕДНОСТ ИМА БЕКАТОНОТ ПОСТАВЕН ВО 2002 ГОДИНА ? !

Последната реконструкција на овој плоштад била 2002 година, кога се извадиле камените коцки и поставени се бекатон коцки, а за спомен на стариот камен оставен исе неколку „парчиња“ со коцките кои стоеле претходно.

Но, ако пред 21 година „Националната комисија за УНЕСКО“ при Владата во Скопје немала проблем со тоа што на местото на каменот се поставил бекатон, денес проблем е да се отстрани бекатонот и да се постави камен.

Еве како изгледа денеска бекатонот, кој првично бил црвен, а денеска е избледен и искршен и уништен.

ИСТОРИЈАТА НА ПЛОШТАДОТ

Овој простор во минатото со векови бил познат по стариот чинар, но во последните два века претрпел повеќе промени.

Па така овој простор во последната деценија од Османското Царство пред 1912  бил парк со патеки за прошетка и дрва, за по распадот на империјата во „српското“ да добие и триумфална капија.

Со развојот на Охрид по втора светска војна, овој простор бил сообраќајна раскрсница, а заради близината на пазарот одреден период бил и како селска автобуска станица до која доаѓале локалните автобуси од селата. за некаде кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век да се затврои за сообраќај и да стане плоштад кој сега спојува неколку улици кои се пешачки зони и се еден вид краци од чаршијата.

Во 2002 година, плоштадот е реконструиран, извадена е камената коцка и поставен е бекатонот кој жителите на Охрид никогаш не го прифатија за автентичен и секогаш коментираа дека треба да „го снема“.

Денес имаме нов проект , за отстранување на грдите бекатони, но во моментов тоа не е возможно да се направи бидејќи „Националната комисија за УНЕСКО“ при Владата во Скопје тоа не го дозволува. Охрид 1 во текот на вчерашниот ден испрати прашање до комисијата на УНЕСКО. Но до овој момент немаме одговор зошто комисијата сеуште не се произнесла за проектот кој ја опфаќа улицата Гоце Делчев и плоштадот Крушевска Република. Штом добиеме одговор истиот веднаш ќе го објавиме.

Извор: Охрид 1