АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Промовирана монографијата за Марко Пејчиновски „Одисеја 2022 Odyssey“

Во охридското „Форт кафе“ синоќа се одржа промоција на монографијата за Марко Пејчиновски „Одисеја 2022 Odyssey“.

Во истата се поместени информации и материјали за неповторливиот успех на Марко, претставен преку фотографии, официјални сертификати со кои беше ратификувано секое од маратонските пливања. Во монографијата се пренесени и видувањата на сите кои, секој на свој начин беа дел и сведочеа за подвизите на Марко.

– Навистина трепери срцето кога треба да се претстави едно дело во кое пренесени натчовечките напори на нашиот Марко. Кога го перципирате ова дело, можете да го поделите на два дела. Едниот е она што навистина претставува спортски и натчовечки потфат на Марко во текот на неговото препливување на Охридското Езеро. Вториот акцент на оваа книга е доста значаен, а тоа е филозофијата на животот. Кога ќе ги читате меѓу редови убавите зборови од неговиот родител, ќе сфатите дека всушност Марко, препливувајќи го езерото, со секој завеслај, тој укажува на еден копнеж. Со секое земање воздух, тој се надева дека и оваа препрека ќе ја направи надминлива, порача пред присутните историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе.

Од 12-годишна возраст Марко поставува рекорди во водите на Охридското Езеро во родната Република Македонија. Помеѓу 27-ми и 28-ми август минатата година, тој пливаше патека со должина од 63,84 километри од Охридското пристаниште до Струга, па до Свети Наум и назад до пристаништето во Охрид за време од 21 час и 41 минута со две застанувања од вкупно 9 минути и 46 секунди.

Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, на талентираниот охридски пливачки херој му ја додели наградата за спортски подвиг на годината. Марко ја доби престижната награда за вкупно препливани 250 километри изминатото лето во водите на Охридското Езеро.

Светската асоцијација за пливање на отворени води (WOWSA) и официјално ги верификува сите 10 препливувања на охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски, во вкупна должина од 250.27 километри.

извор: Тимот на Марко