Климе Садило е роден 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Најпрвин свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“. Припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Климе Садило ја купил виолината од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон. Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија – Србија, Албанија, Бугарија. Не можел да се замисли некој настан во градот, а да не се викне Такамот на Садиловци. Свиреле на свадби, крштевки, сунети, големи празници, панаѓури. Во репертоарот имале македонски, српски, турски, бугарски, албански и влашки песни. Климе Садило е автор на песни и ора како : „Собарско оро“, „Излези на пенџере Рисавѓи“ и други. Снимиле лонг плеј плоча во Америка на Бродвеј, а исто така снимиле плочи и за дискографската куќа „Југотон„ од Загреб. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода.
Виолината според неофицијални проценки е изработена во Германија околу 1880 година. Таа е во добра состојба и е изложена во Музеј Куќа на Робевци во рамки на постојаната етнолошка поставка каде е презентирана градската култура преку стилски мебел, накит и градска облека ала турка и ала франга. Тука може да се слушнат и оригинални аудио снимки од песните на „Охридските трубадури“.
Проектот „Откуп на етнолошки предмет – виолината од Климе Садило познатиот охридски трубадур“ беше комплетно финансиски поддржан од Министерството за култура во рамки на Годишната програма со проекти од национален интерес. Благодарност до правнукот на Климе Садило Дарко Заричиноски за соработката и отстапувањето на експонатот.
Со реализација на овој проект покрај тоа што е исполнета последната желба на Климе Садило – виолината да остане во Охрид, се презентира еден многу важен дел од духовната култура на Охрид – трубадурската песна со долговековна традиција на овие простори.
Раководител на проектот беше Оливера Мишева, Виш кустос етнолог при НУ Завод и Музеј – Охрид.
извор и фото: Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид