АктуелноОхрид

Неделно евхаристиско собрание, за благослов на Божикниот пост

Почеток на постот, почеток на покајанието, на свештена подготовка, за да го примиме Царот на славата, Кој доаѓа од Дева да се роди, во јасли да се положи, смирено и понижено со луѓето да поживее, за нив силно и трајно да ги оживотвори. Премудроста Божја, нашиот Господ Христос да се удостоиме да Го пречекаме со чистота и светост, смирение и љубов, добри дела и покајание за да земеме учество во големата Тајна, криена со векови, а објавена преку Христа, Вистината за Воскресението и вечниот живот, преку Раѓањето Христово во душата, раѓање за вечност. Црквата Божја преку грижата на Светите Отци премудро одредила на почетокот од Божикниот пост да се чита Евангелската парабола за милостивиот Самарјанин, преку која сака да нè поттикне на добри дела, милосрдие, љубов, сочувство и жртва за ближниот.

Полниот Бигорски храм сведочеше да богољубивата жед на младите души од Кичево кои Го бараат Него, првата Причина поради која и заради која сè постои. Преку личноста нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, синоќешното бдение и денешната Божествена Литургија беа извршени во светла и благодарствена атмосфера, преку која Бог нè удостои да принесеме слава, благодарност и молитви за претстојниот период, во кои сме поканети да ги очистиме чувствата, за да Gо видиме Христа Kој блеска во непристапна слава. Всушност, во тоа се состоеше беседата на нашиот Старец, упатена кон присутните на Литургијата, а на синаксисот со младите, преку своите татковски поученија, тој стави акцент на тоа колку вистинските Христијани низ студените години на атеизмот ја одржувале топлината на верата во Бога и вистинската среќа.

 

 

Бигорски Манастир