четврток, ноември 21, 2024
АктуелноВидеаВидеоОхридПоследни Вести

(ВИДЕО) Охриѓани добија виртуелен сограѓанин – можете да имате непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер

Синоќа на плоштадот на уметноста Долна Порта, беше промовиран дигитален паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид. Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии ни овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.

„Холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град. Иновативниот систем кој е изработен од страна на компанијата Сефиданис, што неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот преку уникатниот глас на актерот Стрезо Стаматовски. Снимањето и процесирањето на тродимензионланиот просторен аудио материјал го изработи Сашо Митан заедно со својот тим на Супер Радио Охрид. За охридските посебности во македонскиот јазик ни помогнаа господата Владо и Филип Ангеличин Жура.
На машинската конструкција која користи електо мотор, лед панели и бројни вмрежени компјутери за процесирње на податоците, несебично работеа двајцата мешински инженери Томе Скендеровски и Џезо Сефиданоски, а на автоматиката работеше магистрантот по роботика Павел Тасков. За разработка на концептот несебична поддршка даде директорот на НУБ Григор Прличев Milco Jovanoski и ни ги отвори вратите кон сите неопходни материјали за воскреснување на поетот“истакна Проф. д-р Анис Сефиданис кој го водеше тимот.

За виртуелниот модел на ликот беа користени оригинални фотографии, автентични скулптури, кои се обработуваа со помош на напредни методи на машинска интелигенција за реконструкција на виртуелни карактери. Тродимензионалниот модел на виртуелниот карактер до последното влакно го разработуваше магистрантот од Универзитетот во Марибор, охриѓанецот Александар Илиевски, а анимациите преку кој му вдахнавме дух ги изработи студентот од Универзитетот Св. Апостол Павле во Охрид, Шабан Брзев.

„Посебните алгоритми за препознавање на македонски говор, вкучувајќи го и охридскиот дијалект, и целокупната платоформа за интеракција ја работеа Дамјан Петковски, Михаил Анѓелески, студенти на Универзитетот Св. Апостол Павле во Охрид и Петар Мишов, иден студент. Не помала заслуга имаат Магдалена Маркоска која го менаџираше проектот, како и Ајла Бајрамовска заедно со своите соученици од ОУ Григор Прличев кои учествуваа во тестирање и евалуација на споменикот.
Тимот го водеше Проф. д-р Анис Сефиданис а целата технологија се развиваше на Суперкомпјутерот NVIDIA DGX кој се наоѓа екслузивно во лабораториите на Сефиданис. Паметниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, на самиот влез од стариот дел на градот“, истакна Сефиданис.

Овој проект нема да можеше да се реализира без поддршка на Општина Охрид, Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид и Gjoko Apostolov, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации можат воедно да ја поттикнат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место.

видео: Охрид 1