Актуелноглавни-вестиИздвојувамеНаш изборНаш ИзборОхрид

Швајцарско истражување: Охрид е лулка на европското земјоделство

Луѓето што се населиле на брегот на Охридско Езеро пред околу 7.000 години, најверојтно се првите земјоделци во Европа, покажува истражувањето на Универзитетот во Берн.

Лулка на европското земјоделство. Вака швајцарскиот Универзитет во Берн го опишува регионот на Охридското Езеро, при што наведува дека луѓето што се населиле на брегот на езерото пред околу 7.000 години, најверојтно се првите земјоделци во Европа.

Универзитетот во Берн соопшти дека ова е заклучокот до кој дошле истражувачи од овој универзитет кои спровеле дендрохронолошки истражувања на остатоците од наколните населби на брегот на најстарото езеро во Европа.

Како што се наведува, истражувачите истакнуваат дека археолошките локалитети под вода, какви што се оние од темелите на наколната населба во Охридското Езеро во заливот Плоча-Миќов Град „се дар од Бога за науката”. Тие го нагласуваат ова, затоа што, вкупно 8.000 дрвени колци не биле изложени на кислород илјадници години и не се оштетени од бактерии.

Според тврдењата во истражувањето, овие дрвени колци се исклучително погодни за дополнителни истражувања преку кои ќе се дојде до точно одредување на староста на колците преку нивните годови.

Новите наоди докажуваат дека изградбата на населбата во Заливот на коските во Охрид (Плоча-Миќов Град) се одвивала во различни фази и тоа траело со милениуми: Од неолитско време (средина на 5 милениум) до бронзеното време (2 милениум п.н.е).

Луѓето што се населиле на брегот на Охридско Езеро пред околу 7.000 години, најверојтно се првите земјоделци во Европа, покажува истражувањето на Универзитетот во Берн. Фото: ТРТ Балкан

Важни референтни точки за хронологијата на праисторијата

Алберт Хафнер, водач на истражувањето и професор по праисториска археологија на Универзитетот во Берн смета дека „прецизните датуми на различните фази на населување на Плоча-Миќов Град претставуваат важни временски референтни точки за хронологијата на праисторијата на Југозападниот Балкан”.

„Точната хронолошка класификација отвора нови можности за толкување на трагите пронајдени од раната населба во Охридското Езеро“, вели Хафнер.

Од Универзитетот во Берн во соопштението за медиумите посочуваат дека наколните населби на Алпите и на Балканот се единствените остатоци од населби од неолитско доба и се одлично зачуван органски материјал.

Се наведува дека наодите од Охридското Езеро се исклучително интересни затоа што таа област игра клучна географска улога во проширувањето на земјоделството.

„Пред повеќе од 8 000 години раните сточари и фармери од Анадолија прво дошле во Егејскиот регион, а потоа преку Јужна Италија и Балканот се преселиле во Централна Европа”, велат од швајцарскиот универзитет.

Залив на коските – подводна населба Фото: ТРТ Балкан

Охридско Езеро останува мистерија за во иднина

Јован Секуловски, професионален нуркач, кој во Охридското Езеро нурка речиси секој ден во последните 20 години, во изјава за ТРТ Балкан вели дека ова езеро е навистина уникат.

„Имаќи в предвид дека е 289 метри длабоко, се уште има делови кои не се откриени. Тоа останува мистерија за во иднина, да видиме како ќе се одвиваат сите овие подводни спортови и до каде ќе стигнеме во поглед на истражување на овој бисер на Балканот”, смета тој.

Археолошките истражувања на заливот во Охридското Езеро започнале во 1997 година кога нуркачот Милутин Секуловски ја открил подводната населба. Фото: ТРТ Балкан

Археолошките истражувања на заливот во Охридското Езеро започнале во 1997 година кога нуркачот Милутин Секуловски ја открил подводната населба.

На местото биле пронајдени над 6.000 дрвени столбови. Биле откриени голем број остатоци од животни, коски и рогови од елени или други животни. Токму поради тоа местото се нарекува Заливот на коските.

Наколните населби биле правени на платформи кои стоеле на дрвени колци забодени на дното на езерото. Населбата била поврзана со брегот на езерото преку подвижен мост. Имало над 60 живеалишта од кои дел се реконструирани.

Извор : TRT Balkan