АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Отворен 61. Балкански фестивал на народни песни и игри

Славењето на животот преку уметноста и артистичкото изразување е најубавиот начин на градење на пријателски мостови со целиот свет. Тоа е уште еден вид на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник – поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и ја заслужи нашата почит. Тоа го истакна потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски на отворањето на најстарата фолклорна манфестација на Балканот, 61. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Во име на Собранието, кое е покровител на традиционалната манифестација, која, како што рече, овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот, а и пошироко.

– Нивното промовирање преку музика, песни и танци е голема умешност и јас ги охрабрувам сите вклучени институции и присутни изведувачи и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал, а ние ќе бидеме до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесување во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното, нагласи Мисовски.

Музиката, фолклорот и игрите, според потпретседателот на Собранието, се универзална цивилизациска категорија и се дел од светското културно наследство меѓутоа, во исто време, тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

– Вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, подвлече Мисовски.

Ората и песните на годинашните учесници, додаде, ќе одекнуваат од величествената и единствена сцена на Долни Сарај, и ќе ја нарушуваат езерската тишина пренесувајќи ги прекрасните звуци на сите страни на светот.