Одлуката е донесена едногласно од петчлената комисија во состав: Перчо Божиновски – претседател, и членовите Горан Стојаноски, проф. д-р Татјана Димоска, Славе Ѓорѓо – Димоски и Горан Патчев.
Владимир Ангеличин – Жура (1946–2025) остави длабок траг во охридската новинарска и културна историја. Во својата богата кариера бил уредник на Радио Охрид (1961–1975), а подоцна и уредник на весникот на ГП „Трудбеник“ (1975–1997). Автор е на голем број написи во дневниот и седмичниот печат, како и на значајни радио и телевизиски истражувачки емисии посветени на охридското минато. Неговиот опус опфаќа и циклус од 20 получасовни радио емисии за охридската староградска песна и 15 телевизиски емисии инспирирани од трубадурската охридска песна. Особено важни се и неговите истражувања во областа на генеалогијата на старите охридски семејства.
Автор е на повеќе книги, меѓу кои најголемо внимание привлекува „Жура за Жура“ (1995, две изданија). Од младоста се занимавал со документарна и уметничка фотографија, а познат е како рецензент и промотор на бројни книги, изложби и музички настани.
Наградата Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид, општината ја доделува за животно дело односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и Светов.











