АктуелноОхрид

Недела на мироносиците, Светиот апостол и евангелист Марко

Во овој ден го празнувањем споменот на светите жени мироносици, и на Јосиф од Ариматеја, тајниот ученик Христов, и еден од седумдесетте апостоли, како и на Никодим, којшто од старешините јудејски пристапи кон Христа. Бидејќи тие жени беа сведоци на вистинското и прво Воскресение, а Јосиф и Никодим на погребението. Откако го погреба телото Господово, Јосиф се врати во Ариматеја, во својата татковина, каде што му се јави воскреснатиот Христос и го увери во таинството на Воскресението. Јосиф многу пострада од јудејците, бидејќи не молчеше за овие таинства, туку храбро ги проповедаше. И Никодим сè подробно објаснуваше, за страдањата Христови, и за Воскресението прв од сите објасни. Жените, пак, први го видоа Воскресението и им благовестеа на самите благовесници – учениците Христови, бидејќи требаше на женскиот род кој прв падна во грев, да му се даде и прв да го види Воскресението и требаше прв да ја осети радоста родот кој прв чу „со маки ќе раѓаш деца“. Мироносици беа наречени затоа што со миро дојдоа да го довршат еврејскиот обичајот на погребение, кој Јосиф и Никодим не успејаа да го довршат на Велики Петок, бидејќи тие само го помазаа со алој и смирна и го обвија во плаштаница. Овие жени кога купија миро, дојдоа многу рано да го оплакаат и да го помазаат Христа, но во гробот видоа два Ангели, со блескав изглед, како седат еден спроти друг. Потоа и Христа го видоа и му се поклонија. Мироносиците беа повеќе, но евангелистите спомнуваат само за неколку од нив, а не за сите. А беа овие: прва од сите – Марија Магдалина, од која Христос изгони седум демони, која по Христовото вознесение дојде во Рим да проповеда, а потоа се упокои во Ефес и беше погребана од свети Јован Богослов, а подоцна нејзините мошти беа пренесени во Константинопол од царот Лав мудар. Втората беше Саломија, ќерка на свети Јосиф обручник и жена на Заведеја, од која беа родени Евангелистот Јован и брат му Јаков, а која имаше и уште други деца – Јаков помалиот, Јосија, Симеон и Јуда, Естир, Тамар и Салома. Затоа кога ќе се чуе во Евангелието: Марија, мајката на Јакова помалиот и на Јосија, не се мисли на Богородица, бидејќи од би произлегло дека таа е роднина на Евангелистот Јован. Третата мироносица е Јоана (Јована), жената на Хузан, кој беше чувар на домот на царот Ирод. Четвртата и петтата се Марија и Марта, сестрите Лазареви. Шестата е Марија клеопова. Седмата е Сосана (Сузана), а со нив имаше и други жени кои со своите имоти му служеа на Христа и на Неговите ученици.

Му беше сопатник и помошник на апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Египет. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Египет. Египет беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Либија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сè добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда. Кога незнабошците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклонска вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна повторно во Пентапол и таму продолжи да го утврдува своето поранешно дело. После две години, Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија. Тогаш го фатија незнабошците, цврсто го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлија во затвор. Овде најнапред му се јави Ангел небесен и го храбреше и го крепеше. Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекоа од затворот и повторно го влечеа по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивна. Неговите свети мошти беа чесно погребани од христијаните. Низ вековите им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.

 

denovi.mk