Охрид

Левица ЛО Охрид: Блокирани сметките на корисници на социјална помош од страна на локалната самоуправа во Охрид

Вчера во Охрид им беа блокирани сметките на петнаесетина корисници на социјална помош. Блокирањето на сметките е извршено од страна на Локалната самоуправа, поради неплатен данок на имот и покрај тоа што социјалната помош не подлежи на извршување. Кога граѓаните се обратиле во банките,оттаму добиле лажни информации дека се блокирани од страна на УЈП, се вели во соопштението од Левица ЛО Охрид.
Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:

Корисниците на социјална помош чии сметки се блокирани, денот го поминале на релација: Општина, Центар за социјална работа и извршители.

Решенијата од ЦСР кои ги прикажале како доказ дека се приматели на социјална помош биле игнорирани од страна на локалната и им било кажано дека најдоцна до понеделник долгот мора да го исплатат, во спротивно сметките ќе им останат блокирани.

Како примателите на социјална помош да го исплатат долгот, кога социјалната помош е единствено примање кое го имаат?

Освен долгот, за да ја одблокираат сметката, оваа група граѓани, треба да платат дополнителни трошоци за одблокирање на сметките. Долгот на Општина Охрид од 22 милиони евра и долгот на ЈП, не смее незаконски да се наплаќа преку блокирање на сметките на граѓаните кои се приматели на социјална помош и на тој начин да се загрозува и така кревката егзистенција на нивните семејства.

Намалувањето на огромниот долг на Општина Охрид,која е една од најзадолжените општини во Македонија можно е само со домаќинско работење, намалување на трошоците за непотребни вработувања,намалување на непродуктивните трошоци, а не со дополнителен терет на осиромашените граѓани, кои одвај врзуваат крај со крај.

Освен тоа,конечно некој мора да сноси одговорност за своето незаконско работење и за финансиската состојба во која е доведена Општина Охрид, а за таа цел мора да се изврши ревизија на работењето на претходното раководство,како и да се поднесат кривични пријави против сите кои работеле незаконски и за своите лични интереси,а против интересите на Охрид и охриѓани.

ЛЕВИЦА и понатаму ќе продолжи да се бори за правата и интересите на сите граѓани на Охрид,а посебно за интересите на социјално загрозените граѓани. Апелираме до локалната уште во понеделник да бидат одблокирани незаконски блокираните сметки на примателите на социјална помош.

Дали и во понеделник граѓаните кои примаат социјална помош ги чека истата голгота?

Со почит,
Левица ЛО Охрид