News1.mk

Пендаровски го посети семејството и училиштето на Ембла Адеми

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство“, каде Ембла ја следи наставата.

Со родителите на Ембла разговараа за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.

Претседателот ја нагласи важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.

Претседателот истакна дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни, додаде претседателот.

извор/фото: агенции