News1.mk

Да не чекаме на нашите улици да се случат нови трагедии

Сите ние сме одговорни за нашето однесување во сообраќајот, но крајно време е одговорност да се бара и да се понесе, од сите оние кои ја создаваат сообраќајната мрежа и ги регулираат правилата за нејзино користење.

Време е град Скопје, но и другите градови и населени места во Републиката, да земат предвид усвојување на пристапот „Визија Нула “  како политика за сигурни улици, булевари и патишта без човечки жртви. Инцијативата потекнува од Кралството Шведска, и кон неа се приклучени 20 поголеми градови во светот. Минатата година, Европскиот Парламент со Резолуција ги повика сите европски градови да ги применат начелата на оваа иницијатива.

Во основата на овој пристап е создавање на безбеден систем каде одговорноста од луѓето што ги користат патиштата (возачи и пешаци) се префрла и на сите оние кои ги дизајнираат и регулираат сообраќајниците и сообраќајот, со цел да се превенира човечката грешка (која е невозможно да се искорени) да има сериозен или фатален исход. Пристапот ги следи начелата на отпорен, одржлив и безбеден град или населено место, за сите свои жители. Главните алатки на овој пристап се поврзани со рестрикции во брзината на возење,  во комбинација со безбеден дизајн, изведба и одржување на сообраќајниците. Поврзани политики каде е неопходно да се направи синергија со овој пристап, се сообраќајната политика, транспортот и мобилноста, политиката за управување со земјиштето и секако урбанизмот. Овие политики кај нас се спроведуваат низ инвестиции на локалната самоуправа и државата, но пристапот бара инвестициите да бидат „поумни“ и со нив да се остварат повеќекратни полезни ефекти. На сето ова се надоврзува потребата од јакнење на јавната свест, градење на сообраќајната култура и однесување од најрани години во училиштата, како и постигнување на што е можно поголема ефикасност на системот за итна помош.

Преку примена на овој пристап, во низа градови и населени места во Унијата, брзината на движење на сообраќајници каде има интензивни пешачки токови е ограничена на не повеќе од 30 км/ч. Доколку оваа брзина на движење придонесува за застој во сообраќај, намалена мобилност, а со тоа и зголемено аерозагадување, и треба да се зголеми (до 50 или 70 км/ч), пешачките текови задолжително и целосно треба да се одвојат од сообраќајниците.

Европски одговор на трагичната статистика

Во ЕУ, секоја година во просек има близу 22.700 жртви во сообраќајот, и околу 120.000 лица со тешки повреди.  37% од лицата починале во урбани подрачја. Над 11800 деца и млади до 17 години се загинати во изминатава декада. Минатата година, се отвори дебата во Европскиот Парламент која резултираше со заклучок дека овие загуби се неприфатливи, и дека екстерните трошоци од сообраќајните незгоди веќе имаат достигнато 2% од годишниот БДП на Унијата.

Поттикнати од овој трагичен тренд, европските пратеници донесоа Резолуција во јуни, минатата година. Во неа се истакнува дека е во пораст феноменот на дистракција на учесниците во сообраќајот поради користење на мобилни уреди. Се укажува на потребата од засилено користење на јавниот превоз но и на активната мобилност (пешачење и возење велосипеди наместо автомобили) како и на неопходноста, акцент да се стави (покрај на однесувањето) и на потребата од поголеми инвестиции за одржување и унапредување на патната инфраструктура, а со цел да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.  Со овој акт на Европскиот Парламент се утврдува и рамка за носење на Политика за сигурност на патиштата во ЕУ за наредната декада, наречена „Наредни чекори кон Визија Нула“.  Целта е до 2050 година , жртвите и тешките повреди во соообраќајот во ЕУ да бидат близу нула, односно да се редуцираат за 50% само во наредната декада. Рамката се потпира на три столба: Безбедна инфраструктура; Безбедни возила и Безбедно користење на патиштата.  Истата е детално разработена и треба да послужи како патоказ за унапредување на нашите поврзани политики, во локалната самоуправа но и на државно ниво.

Трендот е лош и во САД. Националната управа за безбедност во сообраќајот на американското Министерство за транспорт, неодамна ја објави проценката на жртвите во сообраќајот на моторни возила за првата половина (јануари-јуни) од 2021 година, која покажува најголемото шестмесечно зголемување во историјата на системот за известување за анализа на смртност.

Се проценува дека 20160 луѓе загинале во сообраќајни несреќи со моторни возила во првата половина на 2021 година, што е за 18,4% повеќе во однос на 2020 година. Тоа е најголемиот број на жртви во тој временски период од 2006 година. Оваа „криза“ наложи потреба за прв пат во САД да се започне со подготовка на Национална Стратегија за безбедност на патиштата. Евидентирани се низа причини за овој огромен пораст на жртви во сообраќајот, а притоа се истакнува пандемијата и зголемената употреба на автомобилите, како и зголеменото конзумирање на алкохол, дрога и други психотропни супстанции. 

Холандија е конкретен пример кој треба да се следи

Во 1970 година, Холандија имала 245 жртви во сообраќајот  на милион жители, речиси идентична стапка на таа во САД со 257 жртви на милион луѓе. Во 2019 година, стапката на смртност од инциденти во сообраќајот во Холандија е падната на 34, на милион жители, и е 70% пониска од онаа во САД.

Ова повеќекратно намалување на жртвите во сообраќајот се должи на ефективно спроведување на мерки за трансформација на улиците во пешачки зони и други интервенции за намалување на употребата на возила во сообраќајот како и на времето на возење, навремени и драстични ограничувања на брзината, и редовно спроведување на кампањи за подигање на јавната свест.  Сето ова придружено и со реформа на системот за безбедност на сообраќајот која е инспиративна, со низа проверени технички решенија, и која нашите власти подобро е да ја превземат и доследно да ја следат, наместо да се измачуваат во потрага по специфични решенија за нашиот контекст.

Холандскиот модел ги следи начелата на „Визија Нула (жртви)“.  Треба да ги следиме и ние, и да направиме промена во парадигмата за улогата и функцијата на улиците, а со цел да бидат побезбедни и попријатни за користење. Сите ние како пешаци, велосипедисти и возачи сме одговорни за нашето однесување во сообраќајот, но крајно време е одговорност да се бара и да се понесе и од сите оние кои ја создаваат сообраќајната мрежа и ги регулираат правилата за нејзино користење.  Несоодветно дизајнирана и одржувана сообраќајна мрежа предизвикува жртви како што ги предизвикува и нашата непретпазливост.

извор/фото: Дојче Веле