News1.mk

Правилата за влез во Грција се продолжени за уште две недели: Негативен тест останува задолжителен

Актуелните правила за влез во Грција што беа воведени пред еден месец, остануваат на сила за уште две седмици и негативен тест (ПЦР или рапид) и натаму е задолжителен за сите патници независно дали се вакцинирани или не, мерка што се однесува и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата одлука стапува во сила утре и ќе важи до 7 февруари во 2022 година.

Негативен ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест на 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале ковид-19 или се невакцинирани.

Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Северна Македонија кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.

Тестирањето треба да биде во лабораторија одобрена од државата на потекло (приватна или државна), а потврдата да биде на грчки, на англиски, на француски, на германски, на италијански, на шпански или на руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.