Кирибати, островска држава во Тихиот Океан, две години успеа да се заштити од корона вирусот, но сега првиот авион што доби дозвола за слетување донесе 36 лица заразени со Ковид-19.
Авионот од Фиџи превезувал 54 целосно имунизирани патници, кои направиле три тестови за ковид пред полетувањето, кои биле негативни, соопшти владата на Кирибати.
Меѓутоа, по слетувањето во Кирибати, дури 36 патници биле позитивни на корона вирусот.
Тие беа сместени во карантински центар, каде, како што стојат работите, продолжија да го шират вирусот.
Имено, еден вработен во центарот, како што потврдија властите во Кирибати, бил заразен.
За да се спречи ширење на вирусот надвор од карантинскиот центар, надлежните воведоа епидемиолошки мерки кои предвидуваат ноќна забрана за движење на граѓаните, како и обврска за носење маски.
Исто така, забранети се сите собири со повеќе од десет лица, а ограничена е и продажбата на алкохол.
Кирибати, кој има околу 120.000 жители, целосно ги затвори своите граници во март 2020 година, поради страв од ширење на пандемијата.
До летото од Фиџи се регистрирани само две инфекции, а тоа биле луѓе на два брода.
Кирибати е меѓу најсиромашните земји во светот и има ограничени можности за третман, така што итните случаи мора да се префрлат во Нов Зеланд или Австралија.
извор/фото: агенции