News1.mk

Пет позитивни теста во ракометната репрезентација пред ЕП

На ден пред заминувањето на Европското првенство во Дебрецин, македонската ракометна репрезентација има петмина позитивни ракометари.

Со оглед на тоа што првиот меч го играме в четврток, речиси сигурно на дуелот со Словенија ќе бидеме хендикепирани, а за понатаму, ќе се знае дополнително.

„Во рамки на подготовките за претстојното ЕП 2022 (Унгарија – Словачка) македонските репрезентативци утре наутро ќе го одработат последниот тренинг пред заминување во Дебрецин.

Во текот на подготовките согласно протоколарниот режим на тестирање одреден од Европската Ракометна Федерација, беа извршени ковид ПЦР тестирања на 4ти и 7ми и 10ти јануари.

Според резултатите од денешните ПЦР тестирања направени во овластена лабораторија за сите членови на таборот на Ракометната федерација на Македонија, кај 5 (пет) претставници кои утре требаше да заминат на Европското ракометно првенство 2022, детектиран е вирусот SARS-CoV- 2 (Covid-19).

Македонската ракометна репрезентација утре во 14:10 часот попладне заминува за Дебрецин – Унгарија , а првиот меч од групната фаза нашите машки сениори ќе го одиграат на 13 јануари (четврток) во 18:00 часот против репрезентацијата на Словенија“, се вели во соопштението од РФМ.

Покрај Словенија, во групата со Македонија се уште селекциите на Црна Гора и Данска. Пласман во следната фаза обезбедуваат двете најдобри репрезентации.