Претседателот Стево Пендаровски, денеска, ќе го прими претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој е во посета на Република Северна Македонија.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, средбата ќе се одржи во кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Мета е во работна посета на земјава на покана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Како што соопштија од оваа јавна национална установа, Мета во Скопје во просториите на Институтот, денеска, треба да одржи предавање на тема „Албанците во новиот милениум – предизвици и перспективи”.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата на Одделението за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза при Институтот, ќе положат цвеќе на спомен – плочата каде што се наоѓала куќата на Гонџа Бојаџиу на плоштадот во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека поради посетата на албанскиот претседател Мета, за време на трите дена од неговиот престој, ќе бидат преземени мерки за посебен сообраќаен режим на сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите од страна на униформираните полициски службеници.
извор/фото: агенции