АктуелноВидеоИнтервјуаРепублика

(ВИДЕО) Мицкоски: Убеден сум во победата на локалните избори

Македонија за сите луѓе” е новиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ, кој од Охрид, на 31-виот роденден на партијата го најави лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски. Тој рече дека ова ќе значи пресврт и ново доба во функционирањето на партијата, чија основа била грижата за земјава во секој поглед, национален, културен, општествен и економски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ во инстрвју за NEWS 1 отворено зборува за неговите сознанија за она што деновиве се крчка како договор со Бугарија.

„Бучковски е во Бугарија цело време, преговара, распродава, дури човек срам да го фати, од тоа што го слушам како информации што доаѓаат од таму. Ќе споделам едно мое искуство кога бевме заедно со Зоран Заев во мај 2018 год во Клубот на Пратеници, кога тој дојде со Димитров – Шекеринска. Тогаш ни презентираше дека е постигнато решение, дека ќе го менувал уставот, уставното име и дека решението е „Илинденска Македонија“. Го погледнав на тој состанок, присутен беше и поранешниот Претседател Иванов и Али Ахмети со Груби и Османи. Тогаш го прашав Заев: „ Зоран дали си свесен што правиш?“

Тој ме праша: Зошто, на што му вратив:

„Илинденска нема да биде како прво, а второ, ова што ти го прават тебе сега е кршење на преговарачките позиции, создавани со децении наназад. Ти со ова прифаќаш промена на устав. Јас ти гарантирам дека ова решение кое сега го презентираш, до вечер ќе ти биде одбиено и ќе мора да прифатиш решение кое ќе биде многу понедостоинствено, и додаде:  На ова Заев ми одговори „ Да свесен сум“, вели Мицкоски и додава дека за оваа комуникација постојат записи.

„На тоа искуство, сега ја гледам истата матрица“, вели Мицкосвски и објаснува што ќе се случи со проблемот со Бугарија. Тој додава дека сега кога Заев ќе влезе во преговарачката рамка, тој проблем повеќе нема да е проблем со Бугарија, туку ќе стане проблем помеѓу Македонија и ЕУ.

За навредите од страна на премиерот изминативе денови, Мицкоски вели нека му служат на чест. Тоа не е дел ниту од моето воспитување, нити е на мое ниво да разговарам на таков начин.

На прашањето за судството Претседателот на ВМРО ДПМНЕ вели дека само наивен човек може да верува дека Кацарска стигна таму каде што стигна, затоа што е квалитетн судија, а јас сум се, само не сум наивен човек.

„Може само наивен човек да верува дека во политиката, работите се случуваат случајно. Но ќе дојде време кога сите тие ќе се срамат за тоа што го правеле и сите ќе се откажуваат од налогодавачот. Сите ние знаеме во обвинителството и судтсвото кој е налогодавач и тие мислат дека на овој начин вечно ќе бидат заштитени. Но секоја работа има свој почеток и крај. Траба да се свесни дека крајот ќе биде толку жесток, колку што ќе бидат брутални од почетокот до крајот.

Мицкоски  во интервјуто говори за реформите во образованието, за обвинувањата дека ВМРО ДПМНЕ стои зад бојкотот за образованието, за недела неработен ден, за цената на струјата, за средбите со дипломатите…

„За три четири месеци од сега граѓаните ќе можат да изберат, дали ја сакаат оваа реалност со Зоран Заев или онаа која ние ја нудиме. Јас не сакам само да зборувам, јас сакам да понудам решение и нудам решение“,вели Мицкоски.

За рушењето на дивоградбите во Охридско Струшкиот регион, претседателот на ВМРО ДПМНЕ вели:

„Нечесно е овие луѓе кои ги имаат тие градби како дивоградби, да бидат исклучок, а сите останати да бидат правило. Неможе на еднава страна да имаме дивоградби, а на другата да нема. Ова е процес за кој треба време. Некој тоа го толерирал, без разлика дали тоа било СДСМ или ВМРО ДПМНЕ. Мене како сопственик на тој локал ме истолерирал. Ми дал време, лажна надеж и денеска наднаш да ми се појават багери и да ме урнат без да ми дадат шанса да се одбранам, а од друга страна да нудат закон за легализирање на дивоградби и без да најдат начин како да ми надоместат, затоа што претходно ме истолерирале, со што ме навлекле на тоа. Ако некој ме навлекол да инвестирам, без разлика која власт дали ВМРО ДПМНЕ, СДСМ … на нелегална градба ако остварувате приход, тогаш не треба државата ни данок да ви наплати, затоа што тоа е приход кој доаѓа од кривично дело. Се прават работи без да бидат детално испланирани.Зошто не се урне базата за бетон. Ама таму не смее, затоа што му должи, а што му должи, му должи мандат“, вели Мицкоски.

Што се однесува до локалните избори и кандидатите за градоначалници, Мицкоски вели дека како партија сеуште се во процес на креирање на програма, анкетирање за потенцијални кандидати. Изминатата недела на извршен комитет веќе поминале десеттина кандидати за исто толку општини кои согласно партискиот статут, треба да поминат и на централниот комитет, по што ќе биде информирана и јавноста за овие кандидати. Планот е до средината на јули да има 40 тина кандидати, а да се комплетираат во првата половина од септември. Ние сакаме јасен план, со јасни проекти и јасна методологија, вели Мицкоски.

„Јас сум убеден дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја крене раката после локалните избори како победник, а брзо после тоа тоа ќе имаме ново парламентарно мнозинство, бидејќи има десеттина пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство кои се повеќе ни се наклонуваат. Јас повикав на обединување на опозицијата и на еден сериозен опозициски фронт“, вели Мицкоски за NEWS1.

Интервјуто во целост на претседателот на ВМРО ДПМНЕ може да го погледнете во продолжение.