Од племето Јудино, а од селото Мориси, заради што го нарекуваа Морисиќанец. Современик на Пророците Исаија, Амос и Осија и на јудејските цареви Јоатам, Ахаз и Језекиј. Ги изобличуваше пороците на својот народ и лажните пророци кои пророкуваа „за вино и жесток пијалок“. Ја претскажа пропаста на Самарија. Ја претскажа и пропаста на Јерусалим, која ќе дојде затоа што поглаварите негови ќе земаат мито, свештениците ќе учат за плата, а неговите пророци ќе гатаат за пари. „Затоа, заради вас, Сион ќе се преора како нива и Јерусалим ќе стане како купиште.“ Но, од сите негови пророштва најважно е пророштвото за Месијата, особено за местото на Неговото раѓање. Тој го именуваше Витлеем како место на раѓање на Месијата, на Кого исходот му е од почетокот, од вечните времиња. Не се знае точно дали и овој пророк беше убиен од Евреите или умре со мирна смрт (Јеремија 26, 18-19). Но се знае дека беше погребан во неговото родно село и дека моштите му ги пронајдоа заедно со моштите на Пророкот Авакум, во времето на царот Теодосиј Велики, според некое таинствено откровение што го имал Елевтерополскиот епископ Зевин.