Мила Корфиксен (20) од Данска, која е на летување во Охрид, негираше дека во познат охридски ноќен клуб го бакнала англискиот боксер Томи Фјури, кој на средината на месецов се раздели од англиската ријалити ѕвезда Моли-Меј Хејг по пет години врска. Хејг на 14 август ја сподели веста на Инстаграм со нејзините 7,9 милиони следбеници, додавајќи дека малку ќе одмори од социјалните мрежи, објави sdk.mk.
Фјури и Хејг се запознаа на снимањето на реалното шоу „Љубовен остров“ (Love Island) во 2019 и се свршија во 2023, и на почетокот на таа година им се роди ќерката Бамби.
„Дејли мејл“ објави дека Фјури и Хејг се разделиле поради продавачката на накит Мила од Данска, која е на летување во Охрид каде што е и боксерот и тој наводно ја бакнал на забава во охридски ноќен клуб. Сведоци тврдат дека боксерот „не се грижел“ кој го видел како ја бакнува русокосата додека пиел вотка и се забавувал во ноќен клуб во 2 часот по полноќ.
Томи – помладиот брат на поранешниот светски шампион Тајсон Фјури (36) – преку портпарол негираше дека ја изневерил Хејг.
„Томи е ужаснат од лажните наводи за изневерување што ги шират медиумите и тој се консултира со своите адвокати“, изјави портпаролот.
Мила Корфиксен негираше дека ја бакнувала ѕвездата на „Љубовен остров“ и изјави дека тој бил совршен џентлмен, а таа има момче. За „Сан“ изјави дека била шокирана кога дознала за разделбата на Томи и Моли-Меј.
„Јас сум девојката, но ништо не се случи. Само се забавувавме“, рече Корфиксен, која летува во Охрид каде има семејство, а се вели дека е редовна на забавите во регионот.