АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Преосветување на манастирскиот храм Пресвета Богородица во Заум, Охрид

Беседата на Митрополитот Тимотеј:

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска се собравме во овој свет манастир за да го преосветиме во чест и спомен на празникот Полагање на риза на Пресвета Богородица во Влахерна. Најпрво, и пред сѐ, би сакале да искажеме благодарност кон Бога, Кој нѐ удостои да го преосветиме овој древен храм од XIV век, којшто во голема мера беше обесветен од луѓе кои се нарекуваа „православни верници“. Со денешното осветување и со претходните интервенции, како внатрешно, така и надворешно, храмот ја врати основната дејност и цел за која и некогаш бил создаден од ктиторите.

Истиот ќе го прославува овој ден 15 јули секоја година, ден посветен во спомен на настан што се случил во средината на V век во Цариград. Двајца велможи од Цариград, по име Галвиј и Кандид, отишле во Ерусалим на поклонение и таму научиле за ризата на Богородица, и пројавиле голема желба оваа светиња да ја има престолниот Византиски центар. Тие ја пренеле во Цариград и најпрво подигнале свој параклис, каде што ја положиле ризата на Пресвета Богородица. Но, откако согледале дека големата светиња излива голема благодат Божја, одлучиле да му кажат на Цариградскиот патријарх Генадиј, а тој заедно со императорот Лав Велики (457-474) веднаш организирале свечена литија и ковчегот со оваа светиња бил однесен и положен во црквата „Св. Богородица“ – Влахерна, која се наоѓа на самиот брег на Босфор. Тоа се случило во 458 година.


Во денешното свето Евангелие за време на Литургијата го слушнавме Евангелието кое што се чита на сите Богородични празници (Лука 10, 38-42). Господ Исус Христос ги посетува двете сестри на Лазара во Витанија, и едната се зафаќа со приготвување на разни јадења, а сѐ со цел да Го угости Господа Исуса Христа што е можно поубаво и повкусно. Додека, пак, другата сестра Марија седнала при нозете Исусови и го слушала словото Божјо. И двете биле зафатени сестри, и Марта и Марија, но на различни полиња. Едната се занимавала со овоземни работи, подготвувајќи храна за телото, додека Марија црпела духовна храна за душата. Марија не седи покрај Христа туку смирено кај неговите нозе ги прима сите зборови што Господ Христос ги изговарал, поучувајќи за Царството Божјо и за спасение на душата.

Кога Марта ќе побара од Господа Христа Марија да се оддалечи од Неговите нозе и да ѝ помогне во кујната, Христос благо ја укорува со зборовите: Марто, Марто ти се се грижиш и се трудиш за многу работи. Но, само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лк. 10, 41-42). Со други зборови, Христос не би ја укорил доколку таа не се обидела да ја оттргне од слушање на Словото Божјо, од она што е повредно, потрајно и вечно, а во корист на она што е времено и преодно, а тоа е грижата за нашето тело и за храната која го одржува истото. Но, Христос не ѝ вели на Марта: Марто не ми е потребно јадење и пиење, со што сака да каже дека и тоа му е потребно на човекот, но, сепак, духовното, трајното и вечното имаат предност. Евангелистот, посочувајќи дека Марија коленичи пред нозете на Господа Христа, кажува и дека таа се подготвува не само да го слуша, туку и да го созерцава, а тоа означува и движење кон добродетелите коишто се неопходни за стекнување на вечен и блажен живот. Затоа и Христос ја пофалува нејзината дејност, бидејќи тоа се скалилата по кои се искачува душата од земјата кон небото, а на тој начин и се облагородува, просветлува и осветлува, и постанува жител небесен. Како христијани да ги имаме на ум овие два примера, кои ни кажуваат дека е потребно да се грижиме и за нашето тело, но повеќе е потребно да посветуваме внимание за нашата душа, а тоа ќе го постигнеме со правење на добри дела, со слушање на Словото Божјо и исполнување на Законот Божји.


Да се обратиме со искрена молитва кон Пресветата Богородица, таа да биде наша молитвеничка и помошничка, па и ние да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост за спасение на нашите души.

При оваа прилика, би сакал да искажам благодарност кон НУ Завод и Музеј Охрид, кои се погрижија да го уредат храмот преку поправката на покривната конструкција, како и да направат некои архитектонски зацврстувања, кои беа неопходни заради повеќегодишната негрижа, која што доведе до статичка попустливост. Исто така, искажуваме благодарност и кон изведувачот на овие работи, г-дин Перо Митан, како и надзорниот орган во изведувањето. Семилостивиот Господ да ги спомне сите кои вложија труд и знаење за заживување на овој манастир во ова прекрасно место на самиот брег на Охридското Езеро. За многу години. Амин.

Полагање на риза на Пресвета Богородица
Ман. „Св . Богородица“ – Заум, Трпејца
15.07.2023 г.