АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Велики Четврток: на Тајната Вечера, четвртокот пред Пасха

На светиот и велики четврток, светите Отци, коишто добро го уредија превземеното од светите Апостоли, од светите и божествени Евангелија, ни предадоа денес да празнуваме четири настани: светото миење на нозете на учениците, Тајната Вечера т.е. нам предавањето на страшните тајни, чудесната молитва и самото издавање. Бидејќи јудејската пасха мораше да биде направена во петок, а бидејќи приличеше вистината да биде во согласност со праобразот, т.е. тогаш и Христос да биде принесен како Пасха за нас, Господ Исус Христос, по зборовите на светите Отци, ја направи Пасхата со учениците пред тоа, во четвртокот навечер. Таа вечер, и целиот петок Јудејците ја сметаат како еден ден. Тоа го направи за да не биде престапник на законот. Потоа покажувајќи им го на учениците направеното, им ја предаде тајната и на нашата Пасха, во големата горна одаја, кога веќе беше настапила ноќта. Гледате дека тоа не беше законска пасха: тука се седи, тука има вечера, леб и вода, а таму сè е печено на оган и бесквасно. Како што велат стиховите на Тајната Вечера: Двојна вечера се поставува: Пасха законита, и Пасха нова – Крвта и Телото Господови. На Велики Четврток, Господ Исус Христос ја востанови светата Тајна Причест, со зборовите: „Земете, јадете, ова е Моето Тело“ и „Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се излева, за отпуштање на гревовите“ (Мт. 26:26-28). Овие зборови можат да се слушнат на секоја Света Литургија, чијшто централен дел е Светата Причест. Господ Исус Христос со миењето на нозете ги поучува учениците да не бараат старешинство. Миејќи им ги нозете, исто така, им покажа дека ќе се возвиси секој што себе си се понижува. После вечерата се упатија на Маслиновата гора, во местото Гетсиманија, каде што, како што велат стиховите од богослужбата од лицето Христово течеше: пот како капки крв, и: со молитвата ги фаќаш непријателите за смртта навистина да ја уништиш. Потоа Јуда, со војници и народ, му се приближи на Исуса Христа, го целива – со тоа давајќи им знак дека е тој. Тие го фатија и врзан го доведоа во дворот на првосвештеникот Ана, кадешто веќе се беа собрале обвинителите Христови: фарисеите и книжниците. Ние, значи, празнуваме и со страв правиме спомен на тие страшни и неискажани настани и дела..

 

denovi.mk