Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, добил смртна закана доколку не биде запрена постапка за еден конкретен предмет. Ваквата информацијата што вчера ја објави „А1 он“, обвинителот Јовески ја потврди во кус разговор за DW.
Станува збор за закана која стигнала преку препорачано писмо адресирано лично до обвинителот Јовески, испратено по пошта од Битола. Писмото тој го добил вчера, пред крајот на работното време. Обвинителот беше воздржан во подетално објаснување на содржината на писмото, но потврди дека во него се барало Обвинителството да ја запре постапкатата против лица во конкретен предмет, а во спротивно, доколку тоа не биде сторено, била испратена смртна закана за него.
„Такви закани нема да ме заплашат во постапувањето по конкретни предмети и примена на законот“, изјави Јовески за ДВ.
Обвинителот не сакаше да посочи за кој предмет заканувачот барал запирање на постапката, освен дека писмото било напишано на македонски и на англиски јазик, и дека испраќачот се претставил како припадник на одредена терористичка организација.
Со оглед дека станува збор за препорачано писмо, обврска при испраќање на таква поштенска пратка е на неа да стои името на испраќачот. Така, и во случајот со заканувачкото писмо до Јовески, фигурирало име на лице кое наводно го испратило писмото, што воопшто не мора да значи дека тоа е и вистинскиот идентитет на испраќачот.
Текстот во целост на: DW