News1.mk

Сообраќајниот инженер и вештак Крстаноски за DW за честите сообраќајки: „Тука е како на Дивиот Запад“

Постои категорија на граѓани за кои не важат никакви закони. Дали по политичка, роднинска, бизнис линија, тие избегнуваат секакви казни, вели сообраќајниот инженер и вештак, Никола Крстаноски.

„Сум поминал многу километри низ Германија, Австрија, Чешка со автомобил. Кога ќе се вратите на Балканот од Србија кон југ, се чувствувате како да сте дошле во Дивиот Запад“, вака ги коментира зачестените сообраќајни несреќи во Северна Македонија, сообраќајниот инженер и вешто лице, Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола. За само една недела неколкумина пешаци беа покосени од „бесни возачи“ во главниот град. Најпрво девојка беше прегазена пред Сити мол, а неколку дена подоцна џип прегази пешак кај мостот „Гоце Делчев“. Во Тетовско, пак, возач без дозвола и со нерегистриран автомобил удри во тројца пешаци во село Добарце.

Крстаноски за Дојче веле прави детална анализа за сообраќајниот хаос и некултура коишто владеат на улиците, за праксата на неказнивосткоја што доведува до дивеење на младите возачи, што резултира со голем број жртви меѓу пешаците, за проблемот со сообраќајната инфраструктура, лошото одржување на патиштата и несодветната сообраќајна сигнализација.

Убедливо најголем проблем е пребрзото возење и возење под дејство на алкохол

„Можеби моите видувања се премногу песимистички, но како сообраќаен инженер и како вешто лице кое изработило повеќе стотици, пред се супервештачења за судовите во Северна Македонија, ова е навистина реалната ситуација. Убедливо најголем директен проблем кај нас е пребрзото возење и возење под дејство на алкохол, но во позадина на се е исклучително ниската сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот“, вели Крстаноски.

Причини и можни решенија

Сообраќајот е комплексна дејност која ги вклучува речиси сите аспекти на човековото живеење – од бројни различни институции до секој поединец, од водење на осмислена политика на национално ниво до сообраќајна едукација на секое дете и секој возрасен. Оттука на прашањето за ниската безбедност во сообраќајот во земјата и можните начини за подобрување на безбедноста, единствено може ефективно да се одговори со градење на долгорочна, добро осмислена политика, со јасно дефинирани цели и мерки чии носители ќе бидат прецизно дефинирани, вели Крстаноски.

Листата на причини и недостатоци кои резултираат за ниската безбедност во сообраќајот, според него, е долга. Тој укажува дека постои исклучително ниска сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот.

Текстот во целост на: Дојче веле