По повеќе од две децении, Пливачкиот клуб Струга повторно има свој претставник на победничкиот пиедестал на државно првенство. Младиот пливач Максим Тодоровски освои бронзен медал на Зимското национално првенство во пливање, кое од 20 до 22 ноември се одржа во Куманово.
Тодоровски го освои третото место во дисциплината 50 метри грбно, во категоријата помлади пионери, со постигнато време од 35,92 секунди. Успешниот настап го надополни и со четвртото место во дисциплината 200 метри грбно.
Одличен резултат забележа и Деспина Чакар, која освои две четврти места во дисциплините 100 и 200 метри градно.
На првенството, ПК Струга настапи со вкупно 12 пливачи, во конкуренција на 29 клубови и 274 натпреварувачи. Покрај освоениот медал и високите пласмани, струшките пливачи покажаа голема борбеност, а голем дел од нив ги подобрија досегашните лични резултати и поставија нови лични рекорди.
Дел од клубската екипа беа и Марко Арсовски, Антонија Чакар, Бобан Филев, Дора Филева, Сара Филева, Матеј Јолдески, Бојана Костоска, Маркијан Лазороски, Саво Ристоски и Илија Тодороски, кои со своите настапи придонесоа за успешното претставување на клубот и градот Струга.
Од ПК Струга истакнуваат дека постигнатите резултати се потврда за посветената работа, континуираните тренинзи и вложениот труд на младите пливачи, но и мотив за нови предизвици и уште поголеми спортски достигнувања.
Успехот е заеднички резултат на пливачите, тренерскиот тим и родителите, кои со својата поддршка придонесуваат за развојот на младите спортски таленти.
По пауза од 20 години, бронзениот медал на Максим Тодоровски претставува значаен момент за струшкото пливање и поттик за нови успеси на државната и натпреварувачката сцена.


















