Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска, 11 април, поднело кривична пријава против новинарот Фуркан Салиу и уште едно лице.
Двајцата, според МВР, се осомничени за делото „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
„Ве известуваме дека по целосно документирање на настанот, на 11.04.2024 од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје до ОЈО Скопје против лицата Н.Ј. и Ф.С. поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело ’спречување службено лице во вршење службено дејствие‘ по член 382 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
За кривичната преку социјалните мрежи се огласи и Салиу велејќи дека не верува оти МВР може да го докаже делото.
На 7 април, Салиу беше меѓу тројцата приведени за време на фудбалски натпревар помеѓу „Коњаре“ и „Куманово“ на стадионот во Средно Коњари. Тогаш МВР излезе со информација и дека при претрес на возилото на новинарот, кое во тој момент било управувано од друго лице, бил пронајден пиштол.
Истата вечер, по разговорот во полициската станица, Салиу беше пуштен на слобода.
Новинарот и министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, ден потоа имаа и вербален конфликт на прес-конференција околу тоа што се случувало.
Повикувајќи се на она што можел да го види од снимките, Тошковски оцени дека во најмала рака имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.
Салиу, пак, негираше дека нападнал полицаец и тврдеше дека е уапсен затоа што снимал како полицијата тепа недолжно момче на фудбалски натпревар. Во однос на пиштолот, пак, тврдеше дека поседува дозвола, а го транспортирал расклопен во багажникот од автомобилот.