Фудбалскиот клуб Охрид Лихнидос продолжува со одличните настапи во Втората македонска фудбалска лига и е на само еден чекор од освојување на есенската титула. По 12 одиграни кола, охридскиот состав убедливо ја држи лидерската позиција со 31 освоен бод, три повеќе од второпласираниот Пелистер.
Во денешниот натпревар одигран на стадионот „Билјанини Извори“, Охрид Лихнидос ја совлада струмичка Беласица со 2:1, со што ја продолжи успешната серија и направи уште еден значаен чекор кон освојување на првото место на крајот од есенската полусезона.
Охриѓани поведоа во 37. минута, кога фудбалерот на Беласица, Милушев, си постигна автогол. Во 58. минута Марко Мирчески ја зголеми предноста на 2:0, додека гостите преку Стојанов во 86. минута го поставија конечниот резултат од 2:1.
Со оваа победа Лихнидос стигна до 31 бод, додека неговите најблиски конкуренти Пелистер и Работнички имаат 28, односно 27 бодови.
Особено значаен е фактот што охридскиот клуб во текот на досегашниот дел од сезоната демонстрира стабилност, ефикасност и континуитет во резултатите, што го прави еден од најсериозните кандидати за пласман во Првата македонска фудбалска лига.
До есенската титула останува уште еден натпревар!
Во последното, 13. коло од есенскиот дел на првенството, Охрид Лихнидос ќе гостува во Кочани, каде што ќе се соочи со екипата на Осогово.
Со победа на ова гостување охридските фудбалери сигурно ќе го потврдат првото место на табелата и ќе ја завршат есенската полусезона како лидери во Втората лига.
Успехот на Лихнидос е една од најубавите спортски приказни во Охрид оваа есен. По години во кои охридската фудбалска јавност посакува враќање на клубот во елитното македонско фудбалско друштво, актуелните резултати отвораат реална надеж дека Охрид повторно може да добие прволигаш.
Пред фудбалерите, стручниот штаб и раководството на клубот останува задачата успешната есенска серија да ја заокружат со позитивен резултат во Кочани, а потоа со исто темпо да продолжат и во пролетниот дел од шампионатот.
Охрид Лихнидос е лидер, есенската титула е на дофат, а сонот за прволигашки фудбал во Охрид станува сè пореален.
Фото: ГРК ЛИХНИДОС ОХРИД


















