МакедонијаНаш ИзборНаш избор

Силјановска Давкова: Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ

ВМРО – ДПМНЕ и партиите од коалицијата што ја предводат кампањата за претседателските избори ја започнаа со голем митинг пред зградата на Владата. Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова обраќајќи се на митингот рече дека мора да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок.

Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.

Тие членството во ЕУ, вели таа, го замислуваат како качување на воз што оди кон Брисел. Не, додаде кандидатката за претседател, Брисел треба да дојде овде.

За овие години тие ништо од тн. копенхагенски критериуми не спроведоа. Ние ќе го сториме тоа. Кога нема ништо да направите, и кога ќе бидете во конфузија, што ви преостанува, само хорски да пеете нешто во што не верувате. Нема потреба од повторување за нешто што постои, рече Силјановска Давкова.

Таа посочува дека тие ветуваат реформи, а тоа значи дека не ги направиле. – Кога нема да го направите она што сте го ветиле, треба да си заминете, рече таа.

Презентирајќи ги своите цели рече дека како претседател ќе се врати кај граѓаните преку народните канцеларии, кои сега ги снема. Ќе ја почитува владата и ќе соработува со неа.

Некогаш ќе ја советувам, некогаш ќе ја критикувам, ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави тие мора да соработуваат. Надвор нема да заминам без да изградам консензус за најважните државни и национални прашања. Ќе го почитувам Собранието како законодавен орган. Но ако забележам врз основа на анализа дека отстапува од Уставот и законите ќе побарам да се обратам, да предупредам. Ако и тоа не врви ќе употребам вето. Нема да дозволам надвор да парадираат дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија. Напротив ќе не претставуваат најстручните и најдобрите, рече Силјановска Давкова.

Нејзините двајца членови во Судскиот совет ќе бидат најдобрите правници.

Моите предлози во Уставниот суд ќе личат на моите колеги, Џуно, Нектов, Старова, не на нивните партиски послушници кои ги употребија во процесот против народот, рече таа.

-Ќе го одберам ако имам таков избор, или ќе го именувам најпочитуваниот во вооружените сили врховен комндант на истите. Зошто оние под него и војниците треба да веруваат во водачот. Ќе се грижам за оние кои се дел од вооружените сили. Се разбира ние сме веќе членка на НАТО и стандардите треба да се почитуваат, рече Силјановска Давкова. Во Советот за безбедност ќе именува тројца врвни познавачи на безбедносните прашања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е и носител на листата во Првата изборна единица на Парламентарните избори, оцени дека „народот доаѓа по своето, по тоа што му е одземено“. – Доаѓа по Македонија, до големите промени со кои на сите ќе им покажеме дека не ја даваме, дека сите заедно сме силата на Македонија, истакна Мицкоски.

Според него, партијата е посилна од кога било, обединета, сложна, со јасна заедничка цел.

Идејата не можат да ја уништат. Нашата идеја се вика Македонија. Да ја вратиме во рацете на народот, и да ја одземе од стотина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ. Проблемот на Ковачевски е што државата му ја подари на Ахмети и тоа на тацна, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави промени, но и дека во кампањата ќе зборува за понудата, а против другите кандидати на изборите.

На гласачите им порача да ја прочитаа платформата на кандидатката за претседател Силјановска Давкова, како и нивната програма и планираните проекти. Им порача на пензионерите дека пензиите ќе бидат покачени за 5000 денари и дека ќе им го вратат достоинството. На младите им порача да не се откажуваат од Македонија и побара да им го дадат својот глас и да се вклучат во промените, додека на работниците им кажа дека мора заедно да се изборат за поголеми плати, почит и достоинство.

Порака до бизнисмените – од вас зависи дали петмина од ДУИ и слугите и измеќарите под СДСМ ќе ја видат државата. Или ќе го одобрите рекетот на ДУИ и СДСМ или ќе се приклучите на промените и ќе направиме ред во бизнисот, рече Мицкоски, кој исто така упати порака и до земјоделците, докторите…

На албанската опозиција и порача дека сакаат да коалицираат со нив, но да се почитуваат. Упати порака и до ДУИ, но и до идните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.