АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светиот свештеномаченик Никон

Роден е во Неапол од татко незнабожец и мајка христијанка. Беше римски офицер во Неапол. Не беше крстен, иако мајка му тајно од таткото го поучуваше на Христовата вера.

Еднаш кога тргна со својата чета во бој, мајка му го посоветува ако западне во неволја да се прекрсти и да Го повика Христа на помош. И навистина, кога во битката Никоновата чета беше опколена и сосем близу до конечна погибел, Никон се прекрсти и во срцето повика кон Господ Исус. Во тој миг се исполни со необична сила, јурна на своите непријатели и едните ги уби, а другите ги натера во бегство.

Враќајќи се дома непрестајно во чудо возвикнуваше: „Голем е христијанскиот Бог!“ Откако ја израдува мајка си со веста за победата со помош на крстот Христов, тајно отплови во Азија и таму епископот кизички Теодосиј го крсти. По Крштението се затвори во еден манастир, каде што се предаде на учење и подвиг. Но, пред смртта епископот Теодосиј имаше видение во кое му беше заповедано за свој наследник да го ракоположи Никон. Старецот Теодосиј веднаш го повика Никон и го ракоположи за ѓакон, потоа за презвитер и на крајот за епископ. По Божја Промисла Никон наскоро дојде во Неапол, каде што ја затекна мајка си сè уште жива.

По нејзината смрт заедно со деветмина ученици, свои некогашни војнички другари, замина за Сицилија и таму го проповедаше Евангелието. А во тоа време имаше страшно гонење на христијаните. Кнезот Квинтијан го фати Никон со другарите и ги стави на големи маки. Сто и деведесет негови другари и ученици беа убиени. Мачителот го врзуваше Никон за опашките на коњите, го фрлаше во бездна од високи карпи, го тепаше, го стружеше, но Никон ги преживеа сите тие маки.

Најпосле го убија со меч и се пресели со душата кај Господа. Неговото тело го оставија во полето за да го изедат птиците. Едно демонизирано овчарче се сопна и падна врз мртвото тело на Христовиот маченик и веднаш се исцели. Разгласи за телото на свети Никон, па дојдоа христијаните и го погребаа. Пострада за Христа во времето на царот Декиј.

denovi.mk